12345

Од технологиите кои будат особено многу спомени кај малку повозрасните, VHS касетите останаа исклучително долго време на пазарот – нив сѐ уште ги произведува малку познатиот јапонски Funai. Сепак, производството ќе престане овој месец, што и не е чудно – поголемо изненадување е зошто и до сега останале во производство? Зошто само лани биле продадени 750.000 примероци под брендот Sanyo!

За оние кои не знаат, VHS касетите беа своевидни торенти на 90-тите години. Во скоро секое маало имаше видеотеки од каде се изнајмуваа најновите филмови (под најнови тогаш се мислеше на филм кој излегол пред скоро една година), се чуваа ден-два и потоа се враќаа. Имаше правило и дека касетата мора да се премота на почеток пред да се врати во видеотеката (некои видеа го правеа тоа автоматски по завршувањето на филмот) – ако не го направевте тоа, лошиот „чичко“ од видеотеката неретко знаеше и да Ве искара…

VHS-cassette

Уште една многу популарна функција која ја имаше во скоро секој дом беше можноста за снимање со видео рекордерите (скоро секој дом имаше рекордер). Ова беше претходникот на она што денес го имаме како можност со паметните IPTV. На касета можеше да се снима сѐ – од фудбалски натпревар до Вашето единствено излегување на телевизија, најчесто како кратко интервју на отворено. И да, на една касета можеше да се снима многу пати (до 210 минути!) – сѐ губеше на квалитет, но тоа и не беше претерано важно.

Денес и натаму има корисници кои собираат VHS касети, од едноставна причина што многу филмови или видеа никогаш и не се претворени во дигитални датотеки. Сепак, за оние кои сакаат да продолжат да го прават тоа, напомена дека отсега нема да може да купат ново видео. Причината е што Funai нема добавувачи за делови за видеата – тие веќе не се произведуваат. Исто така, производството на VHS касети престана уште далечната 2008 година, што дополнително го отежнува животот на колекционерите.

Ова многумина од Вас секако дека не треба да ги загрижи – за помладите VHS е само реликт од 90-тите години, исто како и аудио касетите. Сепак, за сите оние кои сакаат ретро начин за гледање филм или пак сѐ едноставно колекционери на вакви постари формати за гледање видео, добро е сега да купите некој видео плеер/рекордер, макар и на старо и да го освежите со нови делови, зошто после може да биде прекасно… Еве јас на пример имам прилично квалитетен JVC видео рекордер кој и натаму го краси просторот под телевизорот…

Извор: PCWorld, Geek, Engadget

Претходна статијаFacebook Messenger го користат повеќе од 1 милијарда корисници месечно
Следна статијаЕдвард Сноуден ќе претстави футрола за iPhone која ќе предупредува доколку сте „прислушувани“