Помисливте дека вирусите се минато? Да, можеби онака како што сме ги научиле од времето на Windows XP, кога ни го закочуваа компјутерот и правеа хаос во регистрите, но тие еволуираа во нешто што може многу полесно да им донесе пари на хакерите. “Ransomware” е најчестата појава денес и на неа веќе не се имуни ниту паметните телевизори со Android.

Ова се многу слични напади на оние кои веќе се прават на паметните телефони, исто така со Android оперативен систем. Тие функционираат така што на дисплејот константно прикажуваат некоја слика или реклама, без да му дадат можност да корисникот да ја исклучи. Всушност, овие вируси воопшто не му дозволуваат на корисникот да го користи својот паметен уред, било дали е смартфон или паметен телевизор.

Начинот кој хакерите му го предлагаат на корисникот да се реши од овој вирус е да плати 500 долари, за тие да го тргнат од уредот. Ова може да се направи прилично лесно – има поинтер за маус кој може да се придвижи само кон полето за плаќање. Затоа и овие напади се викаат “ransomware” бидејќи имаат за цел да изнудат пари од корисникот.

Секако, доколку не сакате да платите толку пари за повторно да го користите вашиот уред, а сигурен сум дека не сакате, треба да направите “factory reset” на системот, односно целосно бришење на сите податоци. Ова е прилично тешко да се направи на уред кој не можете да го користите, но секој производител има направено можност за ресетирање преку притискање на неколку копчиња. Се што треба да направите е да го најдете на интернет (за вашиот телевизор) или пак да се информирате директно од корисникот. Телевизорот околу кој се крена прашина е инаку постар модел на LG со Google TV оперативен систем, базиран на поранешните верзии на Android.

Засега, останатите платформи за паметни телевизори не се заразени (Firefox OS кај Panasonic и Web OS кај LG), веројатно поради тоа што има многу помалку корисници за нив и истите се достапни само кај паметните телевизори. Секако, ова не треба да биде ограничување кога ќе купувате нов телевизор, но секако треба да се има на ум. Згора на тоа, добро ќе биде да инсталирате и некој антивирусен софтвер и да не користите апликации кои не се од Play Store.

Извор: PC World, Softpedia, Security Ledger

Претходна статијаПрвиот Tesla тркачки автомобил подготвен за натпреварување во 2017
Следна статијаAdobe претстави концепт софтвер за преработка на слики со гласовни команди