Intel Core чиповите кои се наоѓаат во скоро секој лаптоп во нашите продавници, последниве неколку години доживуваат прилично мали подобрувања од генерација во генерација. Конечно, осмата генерација на Intel Core чипови од Kaby Lake архитектурата (да, исто како претходно), базирана на транзистори со големина од 14 nm (повторно, исто како претходно), донесува прилично големи 40% подобрување на брзината во однос на претходната генерација.

Ова е голем скок за чипови кои се изработени на иста архитектура, а особено со иста големина на транзистори и се скоро сигурно одговор на се посилниот притисок од ARM конкуренцијата (iPad Pro веќе има брзини како Core i3, со помала потрошувачка на енергија), но и на притисокот од AMD.

Како е постигнато зголемувањето на брзината? Многу едноставно – сите процесори наменети за лаптопите сега имаат двојно повеќе јадра. Актуелните Core i3, i5 и i7 штедливи процесори на Intel имаат две јадра, додека новата генерација ќе има четири јадра кај најмоќните единици, со двојно повеќе виртуелни јадра.

На овој начин, Intel им нуди на купувачите на лаптопи многу поспособни процесори, кои не само што ќе понудат повисоки брзини во просек од 40%, туку ќе работат и многу подобро во новите апликации, програми и игри, кои се почесто бараат користење на повеќе јадра одеднаш.

Покрај подобрените перформанси, новите Core i5 и Core i7 чипови ќе имаат и помала потрошувачка на енергија – ќе можат без проблем да издржат преку 10 часови репродукција на 4K филм само на батерија, што е навистина импресивно.

Во превод, доколку имате неколку години стар лаптоп, сега е време конечно да го смените, нормално за некој со Intel Core чип од осмата генерација. Во иднина, се очекуваат уште поголеми подобрувања со Coffee Lake архитектурата, која ќе има големина на транзисторите од 10 nm и ќе донесе нов скок во перформансите и ефикасноста.

Извор: TechCrunch, Gizmodo, The Verge

Претходна статијаСамсунг го претстави најновиот Galaxy Note 8 телефон
Следна статијаСо нано-технологија во облеката против екстремни студови