SonyTVTA-1024x768

OLED, барем до пред некоја година, се сметаше за технологија на иднината. Всушност, дури и јас самиот очекував дека до денес повеќето од телевизорите во високите класи ќе бидат со OLED дисплеј. Сепак, тоа сѐ уште не се случува, а причината е што обичните LCD LED телевизори стануваат сѐ подобри, во многу случаи и надминувајќи ги перформансите на OLED телевизорите.

Новите LED телевизори на Sony од “Z” серијата ветуваат дека го прават токму тоа. Прво, тие се најсветлите телевизори во светот со вртоглави 4.000 nits, што значи дека сликата на нив ќе биде видлива дури и на најсветлото сонце. Ова од друга страна е голем проблем кај OLED телевизорите, кои сѐ уште не можат да постигнат светлина на нивото на LED телевизорите.

Но, што е со проблемот со послабиот контраст и непостоењето на црна боја кај LCD LED дисплеите? Од Sony велат дека го решиле и тоа, благодарение на густата поставеност на различни LED диоди за осветлување во задниот дел, кои можат да го осветлат секој пиксел поединечно – систем наречен Backlight Master Drive.

Z-Series+Tech02

На овој начин, телевизорот може да ги осветли светлите делови од сцената и дури и целосно да ги исклучи црните делови, со што се постигнува исклучително висок контраст, скоро како кај OLED телевизор, кој може да прикаже длабока црна боја. Системот на Sony е и грануларен, што значи дека секоја диода може да свети со различен интензитет на светлина, поточно, сега ќе има многу поголема разлика меѓу црните и сивите делови од сликата, а за разлика од досегашните решенија кај LED телевизорите со локално исклучување на диодите.

Поради овие карактеристики, новите модели на Sony се идеални за HDR видео, односно видео со висок динамички опсег, бидејќи во ист момент можат да прикажат длабока црна боја и исклучително светла бела боја од 4.000 nits. Секако, телевизорите ќе имаат 4K резолуција и ќе бидат понудени во големина од 65 и 75 инчи, по цена од 7.000, односно 10.000 долари.

Извор: Wired, Engadget, Digital Trends

Претходна статијаШто ги поврзува Weekend Media Festival и книгата Чај од сливи?
Следна статијаXiaomi Redmi Pro е најмоќниот “Redmi” досега, повторно со достапна цена