ARM, компанијата која стои зад дизајните на сите процесори и графички чипови во нашите лесни преносни уреди, како смартфоните и таблетите, ги лансира новите дизајни за Cortex-A75 и Cortex-A55 јадрата. Скок во перформансите и ефикасноста нормално има, но една од главните карактеристики на новите чипови ќе биде што ќе може да се користат и за машинско учење, односно таканаречената вештачка интелигенција.

Cortex-A75 е јадро кое треба да очекуваме да го видиме во многу чипови на производителите од високата класа. Наследник е на Cortex-A73 и донесува 22% подобрување во однос на претходникот во поглед на перформансите, односно 16% подобрување во протокот на податоци. На Geekbench, новото јадро има 34% подобар резултат, што е прилично голем скок. Ова јадро ќе биде и прилично големо, што значи дека својата примена ќе ја наоѓа пред се во технологијата за автономни автомобили, но очекувајте да се вградува и во многу смартфони од високата класа.

Cortex-A55 пак е 2,5 пати поефикасен од својот претходник, што значи дека со него може да се добијат големи придобивки во траењето на батеријата. Сепак, главна предност на дизајнот на Cortex-A55 е што може да се користи заедно со Cortex-A75 во исто јато на јадра на процесорот, па така може да се конструира процесор со едно Cortex-A75 јадро за брзина и седум Cortex-A55 јадра за ефикасност, односно каков избор и да сака да направи производителот на чипот. Ова е дел од таканаречената Dinamiq архитектура.

Новиот Cortex-A75 процесор доаѓа и со нова Mali-G72 графика, која е помоќна од својот претходник за 20%, односно 25% поефикасна. Графичкиот чип е специјално дизајниран за да може да се користи и во машинско учење, што е веројатно најважната вест кај новиот дизајн на ARM, бидејќи ќе овозможи своевидна вештачка интелигенција директно во самиот уред, без потреба од поврзување на “Cloud”. Исто така, овој графички чип очекувајте да го видите во плејада на уреди за виртуелни и содржини со изменета реалност.

Извор: The Verge, Engadget, GSMArena

Претходна статијаВознијак: наредната голема работа во технологијата нема да биде од Apple
Следна статијаЕнди Рубин го претстави неговиот Android смартфон со екран без рамка и модуларни додатоци