xboxones_withcontroller-ed

Како што веќе се очекуваше и како што Microsoft правеше во минатото, тие претставија помала, освежена верзија на популарната Xbox One конзола, која покрај помалите димензии, донесува 4K видео репродукција и HDR графика кај игрите.

Xbox One S е сега 40% помала од претходникот, што е прилично голема работа ако се знае дека напојувањето е вградено во самата конзола, наместо на кабелот за струја. Ова значи дека целосно системот сега ќе биде многу помал и дека конзолата ќе може да се приклучи само со обичен кабел – нема да има потреба од дополнителна, голема црна коцка.

Редизајнот на конзолата сега овозможува и таа да седи исправена, што е исто така добредојдено, бидејќи отвора многу нови можности за вградување и до телевизорот, особено ако тој зафаќа повеќе место од масата. Контролерите пак сега ќе се поврзуваат преку Bluetooth, што значи дека ќе може да се употребуваат и на компјутер со Windows 10 оперативен систем.

Xbox One S не донесува само промени однадвор. Новиот модел сега има поддршка за 4K видео во апликациите како Netflix, додека игрите ќе може да се играат со HDR графика, односно висок динамички опсег, што може драматично да го подобри визуелното искуство.

Новата конзола нема да има покачени цени во однос на претходникот – основниот модел со 500 GB диск ќе чини 299 долари, тој со 1 TB диск 349 долари, додека тој со 2 TB диск 399 долари. Ова е дефинитивно добар потег кој ќе зададе удар на PlayStation 4, но гејмерите сепак ја очекуваат Project Scorpio конзолата, која ќе пристигне наредната година и ќе донесе голем напредок во перформансите.

Извор: ARS Technica, Engadget, Wired

Претходна статијаНовиот Apple Watch OS 3 оперативен систем донесува подобри перформанси и многу нови можности
Следна статијаTesla пушти на пазарот поевтин Model S (60)