Последниве неколку години Microsoft покажа многу поразлична политика кон корисниците – наместо да ги навлекуваат исклучиво кон своите производи, тие почнаа да ги поддржуваат другите платформи на пазарот и да заработуваат пари само на своите сервиси. Добар пример за ова е поддршката на iOS со одличните Microsoft апликации, која наскоро ќе се прошири со нова Touch Cover тастатура за iPad Pro.

Ова е интересен потег на Microsoft – со него сигурно ќе ја канибализираат продажбата на своите Surface Pro лаптоп/таблет уреди, но од друга страна ќе земат од профитот кој Apple го прави на додатоците на нивните iPad-и. А дополнителна тастатура со квалитетите на тастатурите за Surface серијата секако дека би можела да биде хит кај корисниците на таблет со јаболко во задниот дел.

Тастатурата е инаку најдена на страна за симнување на документи за литиум-јонски батерии за производите на Microsoft и е забележана од WinFuture. Ова значи дека таа и не мора да се појави на пазарот и може да е останата само како концепт, бидејќи да бидеме реални, Microsoft има прилично голем успех со Surface серијата и секоја поддршка на конкуренцијата ќе значи „шамар во лицето“ на фановите на овие компјутери, нешто слично како што се случуваше со Windows Phone.

Да, Touch Cover тастатура со копчиња осетливи на притисок за iPad звучи примамливо, но не по цена да се загуби поддршката на фановите на Windows, нешто што на Microsoft му се случи неколку пати во минатото. Ако се прашувам јас, мислам дека оваа тастатура нема да биде лансирана, но и не би бил зачуден ако се случи тоа. Од Microsoft може да се очекува буквално се!

Извор: The Verge, WinFuture, TechRadar

Претходна статијаHuawei се доближува до Apple во продажбата на смартфони, Samsung и натаму неприкосновен
Следна статијаПрви фотографии од Galaxy Note 8 најавуваат Infinity Display и двојна камера