Се повеќе и повеќе слушаме за големи чекори напред во областа на вештачката интелигенција и една од компаниите која најчесто ја спомнуваме е Microsoft. Тоа е со право така – сега тие лансираат нов систем, кој ќе овозможи многу побрз пристап до информациите, односно компјутер со машинско учење кој многу, многу побрзо ќе реагира на командите или прашањата од човекот.

Системот се вика Brainwave и е базиран на Intel Stratix 10 чипот, кој е специјално наменет за машинско учење кај компјутерите. Тој овозможува исклучителна брзина на проток на информациите од 39,5 Teraflops и супер брз одговор на барањата. Благодарение на ова, Brainwave ќе овозможи инстантен одговор на барањата, односно ќе може да прави увид на податоците во реално време. Ова би било корисно во многу ситуации кога корисникот (човекот) ќе даде барање и ќе му треба супер брз одговор од апликацијата, односно компјутерот.

Ова е различно од тоа како досега функционираа компјутерите и програмите со вештачка интелигенција. Во тие случаи, нив им се задаваат многу информации одеднаш и се чека тие да бидат преработени и да се добие резултатот. Во случајот на Brainwave, компјутерот може константно да работи со помалку информации, но да дава увид во резултатите во истиот момент кога тоа ќе биде побарано од него. Ова е многу поблизу до тоа како човекот очекува да функционираат компјутерите со вештачка интелигенција, односно поблизу до тоа како луѓето одговараат на барањата.

Microsoft планира да го вгради Brainwave во своите дата центри, каде би овозможил поголем раст на поддршката на вештачка интелигенција, но планира да го понуди и на други компании преку својата Azure клауд платформа.

Извор: Venture Beat, Fortune, TechCrunch

Претходна статијаSamsung го претстави Galaxy Note 8
Следна статијаПенкалцето во Galaxy Note 9 ќе може да се користи за алко-тест?