Холограмите, односно изменетата реалност е веќе достапна во сите смартфони – за ова многу добар доказ се филтрите на Snapchat и Instagram за лицето на корисникот. Сепак, технологијата ќе добие вистински скок кога истите холограми, односно дигитални 3D слики, ќе ги гледаме во просторот околу нас, а на нешто такво веќе работи Magic Leap.

Нивната технологија, односно уред, ќе биде сличен на она што Microsoft го направи со HoloLens, но веројатно во помало и помобилно пакување. Уредот веројатно ќе чини од 1.500 до 2.000 долари, што значи дека првично нема да биде достапен за голем број на купувачи, но како и да е, технологијата веројатно ќе биде доволно привлечна и оние кои ќе сакаат допир со „научната фантастика“ веројатно нема да имаат проблем да платат.

Спојлер: Magic Leap веќе работи со Џон Гаета, човек од ILMxLAB, кој треба да креира Star Wars искуство за новиот уред. Ова би можело да биде една од главните предности на уредот на Magic Leap, која би можела да помогне тој да се продаде во многу поголеми бројки отколку што се продаде Microsoft HoloLens на пример. Навистина, Star Wars џедај или стормтрупер во вашата соба звучат и тоа како привлечно, особено што ќе можете да имате интеракција со нив.

Според тоа како Magic Leap го најавува својот прв производ, може да очекуваме дека тој ќе биде претставен во средината на ноември, што значи дека нема да треба да чекаме многу пред да имаме можност да живееме со „џедаи“ во нашата соба.

Извор: Venture Beat, Tech Radar, The Verge

Претходна статијаiPhone X бил првично планиран за 2018 година
Следна статијаApple веќе не е најпопуларна компанија за технологија во САД, но која е сега на првото место?