Корејскиот производител LG во моментов ги има веројатно најдобрите телевизори од високата класа, бидејќи се единствени кои ја употребуваат OLED технологијата, која има подлабоки бои и подобар контраст во однос на Quantum Dot LED телевизорите на конкуренцијата. Покрај тоа, нивните OLED телевизори се неверојатно тенки – најновите “W” модели претставени на CES имаат дебелина од само 2,6 mm!

Благодарение на тоа, кога ќе се стават на ѕид тие буквално изгледаат како некоја слика во многу тенка рамка. LG Има вградено и посебни држачи, со кои телевизорот може да се залепи за ѕидот, односно да нема многу простор во задниот дел кој ќе „зјае“. Резултатот е исклучително модерен, како што и може да се види на фотографиите.

Проблемот со претерано тенкиот дисплеј е сепак што на него нема порти, како на пример HDMI или USB. Наместо тоа, на телевизорот има само еден влез за тенок кабел кој може да се пушти по ѕидот без да биде видлив. Потоа, оптичкиот кабел се приклучува на посебен дел каде има четири HDMI порти, три USB порти, оптички излез за аудио и вградени звучници.

Самите телевизори нормално имаат 4K Ultra HD резолуција и ги поддржуваат сите HDR формати (HDR 10, Dolby Vision, Hybrid Log Gamma и Technicolor HDR), што заедно со OLED технологијата треба да овозможи најдобра слика во високата класа (99% од DCI спектарот на бои), особено за филмските љубители, бидејќи OLED може да извади неверојатен контраст. Како и кај секој LG телевизор и тука ќе биде вграден Web OS оперативен систем.

Ќе бидат достапни две големини – 65 инчен кој ќе чини страшни 8.000 долари и 77 инчен кој ќе пристигне подоцна годинава и за кој нема цена, но кој сигурно ќе надминува 10.000 долари.

Извор: Engadget, Gizmodo, LG

Претходна статијаFaraday Future го претстави најбрзиот електричен автомобил
Следна статијаASUS Maximus IX Hero ROG Z270