7th-Gen-Intel-Core-i5-badge-1200x1200

Ги видовте предностите кои ги имаат новите Kaby Lake чипови и нетрпеливо очекувате да излезат десктоп верзиите за да направите моќна машина? Супер, но планирајте и дека тој компјутер ќе работи само со Windows 10.

Да, новите чипови на Intel, заедно со AMD Bristol Ridge и AMD Zen, како и најновите Qualcomm чипови, ќе работат само со Windows 10, барем кога зборуваме за оперативен систем на Microsoft. И за ова не се криви производителите на чипови – што се однесува до нив, тие би биле среќни да ги понудат своите најнови и најдобри производи на поширока клиентела.

За ова е „крив“ Microsoft. Крив во наводници бидејќи во поново време така и се движат работите во технологијата – денес мора да го имате најновото и од светот на хардверот и од светот на софтверот за да имате целосно функционален уред. Ова ќе му помогне на Microsoft да може повеќе да се сконцентрира на развојот на нови можности и подобрувања кај Windows 10, наместо со години да работи на закрпи за 7 и 8.1.

За купувачите, оваа вест секако дека ќе предизвика доза на револт, особено кај оние кои користат постари Windows програми кои не работат на Windows 10. Сепак, доколку користите такви програми, голема е веројатноста и дека нема да ви требаат новите моќни чипови на Intel, а за гејмерите пак, Windows 10 има доволно подобрувања за да се префрлите на него од вашиот постар оперативен систем. Исто така, ова значи дека производителите веќе нема да можат да нудат лаптопи или компјутери со инсталиран Windows 7, нешто што „пре“често се случува денес.

Вака ќе биде и со сите нови чипови – Microsoft најави дека секој нов чип што ќе излезе ќе ја поддржува само најновата верзија на Windows. Ова во иднина и не би требало да претставува особено голем проблем, бидејќи надградбите за Windows 10 се бесплатни и достапни за сите корисници, па со секој нов компјутер што ќе го купите, ќе треба само да надградите на најновата верзија.

Извор: PC World, PC Gamer, Forbes

Претходна статијаAcer ги претстави најтенкиот лаптоп и најтенкиот „2 во 1“ уред во светот
Следна статијаПронајдена галаксија скоро целосно составена од темна материја