intel-logo

Денешните Skylake процесори на Intel се исклучително моќни и чиповите од средната класа (i3 и i5) се доволно добри дури и за најтешките игри и програми. Сепак, нивна голема слабост е вградената графика, која е доволна само за Office апликациите и сурфање на интернет.

Со новата Kaby Lake серија, претседателот на Intel Брајан Крзанич вети многу подобри графички перформанси, кои веројатно ќе бидат и нејзин најголем адут.

Подобрувања во перформансите на самиот процесор ќе има, но не очекувајте повеќе од 10-15% по чип. За поголема промена во перформансите сепак ќе треба да ги почекаме чиповите со транзистори од 10 nm – Kaby Lake и натаму ќе се базира на архитектура со транзистори од 14 nm. Помали транзистори значи поголем број на транзистори, што пак значи и подобри перформанси.

Ова и не е толку лоша вест – корисниците на Intel процесори денес имаат пред се’ проблем со графиката, не и со перформансите на самиот процесор. Помоќна графика секако ќе биде добредојдена, особено за помазно гледање на 4K филмови и содржини благодарение на поддршката за HEVC Main10 Profile кодек, но и на VR видео содржина, која ќе станува се почеста во наредниве неколку години.

Од новите чипови се очекува и намалена потрошувачка на енергија, што значи дека таблетите и лаптопите опремени со нив ќе траат некој час повеќе од оние со Skylake. Поради тоа, првите Kaby Lake процесори најверојатно ќе се вградуваат во новите модели на таблети, лаптопи и „2 во 1“ уреди, а подоцна ќе бидат понудени и моќните процесори за десктоп компјутерите.

Нареднава година се очекува Intel повторно да има жестока конкуренција од AMD во високата класа на процесори, кои имаат големи очекувања за новата “Zen” архитектура, од која се очекува да понуди уште повисоки перформанси, по пониски цени.

Извор: PC Mag, Anand Tech, CNET

Претходна статијаFacebook и Unity спремаат нова платформа за игри конкурент на Steam
Следна статијаOnion Omega 2 е микро компјутер конкурент на Raspberry Pi Zero, чини само 5 долари