SSD дисковите стануваат се побрзи и побрзи од година во година, но најбрзиот тип на меморија е RAM, која е десетици пати побрза и од најбрзите SSD дискови. Сепак, рам меморијата не може да ги зачува податоците откако ќе снема струја и затоа се користи само додека работи компјутерот.

Intel разви нова технологија наречена 3D XPoint, која ќе се обиде да ги спои дискот со рам меморијата. Поточно, се работи за меморија која може да ги задржи податоците откако ќе снема струја, а која има брзина како рам меморијата. Со ова, Intel може целосно да го смени и начинот на кој се прават компјутерите – доколку брзината на оваа меморија е навистина на нивото на кое ветува Intel, наскоро би можеле да имаме компјутери без рам меморија.

Она што во моментов не знаеме е како е постигната таа брзина. Од Intel не сакаат да кажат, бидејќи се загрижени дека конкурентите ќе почнат да работат на иста технологија.

3D XPoint е инаку развиена во соработка со Micron и на неа е работено цели 10 години, што е веројатно и причината зошто Intel уште не сака да ја открие. Очигледно, тие имаат многу вложено во неа. Според нив, овие дискови ќе бидат 1.000 пати побрзи од флеш меморијата и 10 пати погусти од рам меморијата. Во иднина, овие дискови би можеле да бидат многу побрзи од тоа што го нудат денес, бидејќи во моментов ограничување е начинот на кој се поврзуваат со матичната плоча.

Името на дисковите со новата 3D XPoint технологија ќе биде Optane и тие ќе бидат поддржани само од најновите генерации на чипови на Intel. Во почеток ќе биде понуден диск со еден капацитет. Intel Optane SSD DC P4800X ќе има 375 GB простор и ќе чини ултра високи 1.520 долари. Овој диск ќе се прикачува на PCI-e порта, но подоцна ќе биде лансиран и U.2 диск. Во второто тримесечје ќе биде лансиран и диск со 750 GB простор, додека за вториот дел на годината се очекува и диск со големина од 1,5 TB.

Извор: Wired, BGR, ARS Technica

Претходна статијаПрва фотографија од „десктоп станицата“ за Galaxy S8
Следна статијаСамсунг на престижниот саем на часовници и накит – “Baselworld 2017“