Raspberry Pi е супер евтин мини компјутер кој буквално го запали светот на дивелоперите. Затоа, Google влегува во оваа битка со нивен мини компјутер, кој не е наменет само за дивелоперите, туку може да ги задоволи и потребите на домашните корисници за мултимедијални содржини.

За разлика од неговиот (прилично слаб) главен конкурент Raspberry Pi 3, мини компјутерот на Google има HiKey 960 процесор од Huawei, кој се вградува во смартфоните од високата класа на тој производител. Процесорот е помогнат од моќна Mali G71 графика, која може да пушта и 4K видеа, но за жал излезот е само HDMI 1.2, кој може да пушти максимум 1080p резолуција на екстерен монитор.

Ова е веројатно и најголемото ограничување за оние кои сакаат да го користат овој компјутер на својот Ultra HD телевизор, иако овој мини компјутер има и солидни 3 GB рам меморија и 32 GB простор, како и вграден W-Fi 802.11 b/g/n/ac, Bluetooth 4.1 и PCIe m.2 слотови за брзи SSD дискови.

Google мини компјутерот ќе чини 239 долари, но тој интересно нема да доаѓа со инсталиран Android оперативен систем – за тоа ќе треба да знаете да внесете неколку линии на код во инсталираниот Linux оперативен систем.

Сепак, за дивелоперите овој компјутер се чини како идеален за развивање на Android апликации – досега тие требаше тоа да го прават на својот смартфон или преку посебни емулатори на Windows компјутер со x86 процесор. Тука, сите апликации можат да работат во својата природна околина.

Извор: TechRadar, The Next Web, Fossbytes

Претходна статијаARM дизајнира нов фотографски процесор, наменет за автономните возила и смартфоните
Следна статијаНова Insider верзија на Windows 10 дозволува да ставате контакти на таскбарот