12

Американскиот производител, особено познат по своите бизнис уреди, претстави мега голем дисплеј на допир наменет за училиштата, кој прави да посакате да се вратите во клупите.

Дисплејот има големина од огромни 70 инчи, што можеби делува големо ако го замислите во својата дневна соба, но веројатно просечно за една голема училница. Резолуцијата на дисплејот е исто така само Full HD, односно 1920х1080 пиксели, што за толкав дисплеј е малку, но веројатно нема да биде проблем, особено што учениците ќе го гледаат оддалеку, освен оние кои „ќе одговараат на табла“, нели.

Дисплејот има можност за препознавање допир на 10 прсти истовремено, што е веројатно доволно, како и на две електронски пенкалца, со кои учителот или учениците ќе може да пишуваат и цртаат на него.

Можностите на Dell C7017T главно зависат од тоа каков компјутер ќе се приклучи на него. Да, за разлика од Surface Hub 84 инчниот дисплеј на Microsoft, овој нема вграден компјутер во него. Тоа може и да е плус, бидејќи училиштата сами ќе може да изберат каков оперативен систем ќе имаат, односно нема да бидат ограничени само на Windows 10.

Цената на овој огромен дисплеј изнесува 5.000 долари, што реално и не е многу ако се земат во предвид сите негови карактеристики. И покрај тоа што е замислен како замена за белите табли, овој дисплеј може да биде и прилично корисен за компаниите при држење презентации и слично.

Извор: Engadget, PC World, Digital Trends

Претходна статијаTouchWiz скинот за Android на Samsung ќе доживее големи промени
Следна статијаGoogle ќе прикажува информации за земјотреси во резултатите од пребарувањата