Еве една одлична вест за гејмерите или сите оние кои сакаат да извадат максимум од своите десктоп компјутерски компоненти. Најновата генерација на десктоп Kaby Lake процесори на Intel може да се „клокне“ на многу повеќе херци во однос на Skylake архитектурата.

Ова не значи дека треба веднаш да отидете во продавниците и да го смените вашиот процесор. Перформансите на Kaby Lake во однос на Skylake процесорите не се многу поголеми, односно многумина дури и нема да забележат никаква разлика, бидејќи 3-4 фрејмови повеќе или помалку во некоја игра се навистина занемарливи. Единствено, Kaby Lake архитектурата има подобра графика (и натаму недоволна за сериозен гејминг) и подобри перформанси за 4K видео, со поддршка за H.265 кодекот.

Сепак, новата подобрена архитектура овозможува многу повисоки работни фреквенции од Skylake. Имено, најдобриот Kaby Lake процесор во понудата, Core i7-7700K има стандардна работна фреквенција од 4,2 GHz со турбо буст на 4,5 GHz, што се импресивни работни фреквенции.

Рускиот веб сајт OCLab успеал да дојде до ваков чип и да проба да ги зголеми овие работни фреквенции. За да постигнат максимални резултати, тие користеле ладење со течен азот, што можеби е на еден начин „мамење“ бидејќи ретко кој домашен корисник ќе може така да го лади процесорот, но ова сепак е направено за тестирање.

Со користење на две од четири јадра и онеспособување на “HyperThreading” (виртуелни јадра кај Intel процесорите), тие успеале без проблем да постигнат работна фреквенција од 7 GHz, односно 7022.96 MHz.  Она што е импресивно кај овој резултат е што е постигнат со две јадра – кај многу други вакви тестови  оверклокот се прави само на едно јадро, со онеспособување на сите други.

Според „познавачите“, овој процесор може да се однесе и на повисоки фреквенции. Имено, во тестот била користена Z170 матична плоча, која не е дизајнирана за Kaby Lake, што делумно ги ограничува можностите на процесорот. Кога ќе излезат новите матични наменети за Kaby Lake, може да се очекува со овие процесори да се постигнат и (многу) повисоки брзини. Светскиот рекорд за оверклок сепак го држи AMD процесор и тоа FX-8350, кој е „клокнат“ на 8794.33 MHz во 2012 година.

Извор: PC World, Fossbytes, Digital Trends

Претходна статијаЗелената енергија за прв пат најевтина на пазарот
Следна статијаWindows 10 Creators Update ќе има посебен Game Mode кој ќе ги подобри перформансите во игрите