Денес, скоро сите паметни телефони и таблети, но и фотоапарати и видео камери се опремени со специјален процесор за преработка на фотографиите. Qualcomm на пример има таков процесор вграден во нивните Snapdragon чипови. Отсега, ваков процесор ќе прави и ARM, компанијата која стои зад архитектурите на сите чипови во малите, преносни уреди и тој ќе биде првенствено наменет за автомобилите, но наскоро ќе пристигне и во преносните уреди.

Новиот процесор се вика Mali-C71 и според компанијата, значително ќе ги подобри фотографиите кај паметните телефони. Тоа е така бидејќи последниве неколку години особено важно е како ќе биде преработена фотографијата од телефонот. На пример, многу кинески смартфони користат супер квалитетен сензор на Sony, но преработката од RAW во JPEG формат, која се случува преку таков фотографски процесор, е исклучително слаба.

Компаниите како Samsung, Apple, LG, Nokia и Google (со Pixel смартфоните), докажаа дека знаат да направат врвна преработка на фотографиите, која ќе извади максимум од она што може да го даде сензорот. Сега, бидејќи ARM чиповите се вградуваат во сите смартфони, квалитетно преработени фотографии можеме да очекуваме и во многу поевтини телефони, дури и без да има потреба од промени во сензорите, односно нивната големина и бројот на мегапикселите.

Засега, ARM-C71 процесорот ќе се користи во апликации за автономни возила, но компанијата вели дека веќе работат со хардверските партнери и ваков чип за преносните уреди ќе биде спремен во наредниве неколку месеци. И не само тоа – од ARM велат дека смартфоните со овој процесор ќе имаат најдобри JPEG фотографии, тука вклучувајќи ги и iPhone 7 Plus, Google Pixel/Pixel XL и Samsung Galaxy S8.

Извор: The Verge, ARM, Anand Tech

Претходна статијаCall of Duty пристигнува на 3-ти ноември
Следна статијаGoogle и Huawei лансираат помоќен конкурент на Raspberry Pi