Проширената реалност, според многумина упатени во светот на технологијата, е наредната голема работа, која би можела да ги замени смартфоните, но и целосно да го промени начинот на кој функционираме. Замислете, сите информации кои ги имате на вашите смартфони, да можете да ги видите во вашата околина. Да, ова делува малку застрашувачко, но дефинитивно ќе ја збогати нашата реалност.

Досега видовме неколку концепти на очила со проширена реалност, кои можат да сместат 3D објекти во просторот околу нас. Најимпресивен од нив е Microsoft HoloLens, кој има вграден Windows 10 и кој веќе се користи во неколку поголеми компании како алатка која е наменета за дизајнерите (дизајнерите во Ford ги гледаат своите 3D цртежи во вистинска големина со HoloLens), но успехот на ваквите очила е сѐ уште ограничен за пошироката публика.

Ова би можело да се промени во 2019 година, кога според најавите Apple ќе лансира ваков уред, кој ќе има слични можности на HoloLens и Google Glass, но скоро сигурно ќе биде подобро изведен, со побогати функционалности. Засега, Apple го развива концептот на HTC Vive очилата за виртуелна реалност, кои се целосно затворени, што би можело да значи дека Apple реалноста би ја покажувал преку камера, но тоа и не мора да биде точно (на фотографиите се патенти на Apple за таков уред).

Од Apple работат на неколку различни аспекти на проширената реалност, како мапирање, пораки и виртуелни соби за состаноци. Во превод, се чини дека и овие очила би биле пред сѐ наменети за професионалните купувачи, односно компаниите, професионалните возачи кои редовно треба да имаат информации од патот на самиот пат итн.

Засега нема повеќе информации за ваквиот уред на Apple, но доволно е што знаеме дека според Тим Кук, нивниот извршен директор, проширената реалност (AR) е технологија која може да биде револуционерна како смартфонот. А во време кога конкуренцијата е сѐ пожестока, на Apple секако му треба нова револуција.

Извор: The Verge, Engadget, Gizmodo

Претходна статијаАлуминиумската фолија навистина може да го подобри Wi-Fi приемот во вашиот дом
Следна статијаMicrosoft ги покажа правилата за супер безбеден Windows 10 компјутер и вашиот скоро сигурно не е меѓу нив