Изминативе неколку години AMD се чинеше целосно ќе пропадне на пазарот на процесори за десктоп и лаптоп компјутери и Intel ќе остане како единствен играч. Сепак, Ryzen линијата се покажа како многу успешна, ако гледаме по тоа колку нови компјутери се поминуваат на бенчмарк мерењата на Passmark.

Секако, овие резултати со сигурност не се целосно репрезентативни на продажбата на процесори, но најавуваат тренд на зголемување на популарноста на процесорите на AMD. Всушност, додека претходно бројот на компјутери со AMD процесори кои биле поминати низ Passmark бенчмарк опаѓал, сега се покажува нагорен тренд.

Во бројки, процентот на AMD процесори поминати низ Passmark пораснал од 18,1 на 25,8 %, додека оној на Intel процесори паднал од 81,9 на 74 %. 

Исто така, според Tom’s Hardware, AMD Ryzen 5 1600 процесорот е во топ 5 најпродавани на Amazon (моментално на второто место), што се нема случено веќе подолго време и е дефинитивно најава дека AMD има победници со новата серија на процесори, кои нудат подеднакви перформанси на оние на Intel, по пониски цени.

Секако, за финален заклучок ќе треба да ги почекаме и продажните резултати за првата половина на оваа година, каде процесорите на AMD скоро сигурно ќе покажат пораст во продажбата. 

Процентот сепак и натаму ќе биде мал – Intel комфорно ги држи лаптоп компјутерите, а многу веќе склопени гејмерски десктоп машини и натаму користат процесори на Intel. Сепак, трендот се менува и очекувајте во наредниве неколку години да гледате се повеќе и повеќе AMD процесори.

Извор: Techspot, ZDNet, TechRadar

Претходна статијаВидео серијал Samsung Galaxy S8+: AKG Слушалки
Следна статијаXiaomi и Nokia ќе работат заедно на виртуелна реалност и вештачка интелигенција