zuk-z2-pro

Од следбеници и „крадци“ на идеите на реномираните компании, кинезите стануваат главна движечка сила во смартфон индустријата – ZUK Z2 Pro е еден од првите паметни телефони со 6 GB рам меморија и со цена која е драматично пониска од онаа на уредите како iPhone 6S, Samsung Galaxy S7 и HTC 10.

Z2 Pro има 5,2 инчен AMOLED дисплеј со Full HD резолуција и светлина од максимални 500 nits до минимални 1 nit за читање навечер, а е изработен од стакло напред и назад, со метална рамка обоена во златна боја од страните. Позади и леќата за камерата е обележана со златна боја одоколу, што прави овој смартфон да изгледа ексклузивно, барем за оние кои сакаат уред кој ќе биде препознатлив. Уредот е и посебно заштитен во внатрешноста од поголеми падови и тоа со ThinkPad сертификација.

gsmarena_002

Најинтересно е во внатрешноста, каде е вграден новиот супер моќен процесор на Qualcomm, Snapdragon 820, помогнат од 6 GB рам меморија и 128 GB простор – компоненти кои сигурно ќе предизвикаат завист кај сопствениците на многу поскапи смартфони. Достапна ќе биде и верзија со 4 GB рам и 64 GB простор, за оние со поплиток џеб.

Камерата назад има ISOCELL сензор со 13 мегапиксели, помогнат од f1.8 бленда и брз “phase detect” автофокус, која треба да понуди помалку шум во ноќни услови благодарение на големите пиксели. Предната камера има 8 мегапиксели и f2.0, што значи дека барем на хартија тука ќе добиете подобри селфија од оние на конкурентите.

gsmarena_003

Како и сите модерни паметни телефони од високата класа и овој има читач за отпечатоци на прстите, како и USB Type-C приклучок со брза USB 3.1 конекција, преку кој ќе се полни и батеријата со капацитет од 3.100 mAh преку Qualcomm Quick Charge 3.0 брзото полнење. Z2 Pro доаѓа и со вграден најнов Android Marshmallow.

Цената на ZUK Z2 Pro ќе изнесува само 420 долари и тоа за помоќниот модел со 6 GB рам и 128 GB простор. Подоцна ќе биде лансиран и послабиот модел, кој ќе има пониска цена, но сѐ уште немаме информации колкава ќе биде.

Извор: Android Central, GSMArena, The Verge

Претходна статијаДостапен Ubuntu 16.04 LTS – шестата верзија со долгорочна поддршка
Следна статијаIntel отпушта 12.000 работници, се спрема за различна стратегија во иднина