zmax-pro

Кинеските паметни телефони навистина нудат многу за вложеното, но новиот ZMAX Pro на ZTE ги носи работите на едно скалило повисоко. Имено, се работи за 6 инчен паметен телефон со одлични спецификации кои ZTE слободно би можел да ги понуди за над 200 долари, но со цена од само 99 долари.

Дисплејот на пример има резолуција од 1920х1080 пиксели, поточно Full HD, што е досега невидено во толку евтин паметен телефон. Процесорот е прилично моќен – Snapdragon 617 со осум јадра, помогнат од 2 GB рам меморија и дури 32 GB простор за складирање податоци, со слот за micro SD картичка до 128 GB. Батеријата има голем капацитет од 3.400 mAh и поддржува брзо полнење, додека приклучокот е USB Type-C.

zmax-pro-1

ZTE нема кратено ниту во делот на камерите – задната има 13 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели. ZMAX Pro има и скенер за отпечатоци на прстите, што е карактеристика која ја нема веројатно во ниту еден друг паметен телефон со толку ниска цена. Оперативниот систем пак е најновиот Android Marshmallow.

Единствено материјалите од кои е изработен телефонот не се „премиум“, односно задниот дел е пластичен. Но, навистина, за 99 долари и не може да се очекува повеќе, а од Android Authority јавуваат и дека во рака, овој модел не оддава воопшто евтино чувство.

Сѐ уште нема информација за тоа дали и кога овој модел ќе пристигне во Европа, односно на нашиот пазар, но стегаме палци да се случи тоа – се работи за телефон како измислен за македонскиот купувач.

Извор: The Next Web, Engadget, Android Authority

Претходна статијаКим Дотком најавува враќање на познатиот Megaupload за идната година
Следна статијаТурција го блокира пристапот до WikiLeaks по најновата објава на страната