2K Screens-970-80

Кога беа лансирани првите телефони со Quad HD резолуција (2560х1440), имаше жестока расправа дали корисникот ќе може да ја забележи разликата во острина споредено со Full HD дисплеј со иста големина (1920х1080). Според сите споредби, а и моето лично искуство, разлика нема, што секако не е пречка за кинескиот производител ZTE, кој планира паметен телефон со 4K, односно Ultra HD екран (3840х2160)!

Оваа резолуција веќе на големо ја гледаме кај новите телевизори, но таму има логика, бидејќи се добива реално подобрување во однос на Full HD дисплеите. Кај помалите екрани, како оној на Star 3, како што би требало да биде името на новиот модел на ZTE, реално нема да има никаков бенефит за корисникот, освен тоа што ќе може да се пофали дека има дисплеј со повисока резолуција. Покрај тоа, ваквиот дисплеј ќе троши многу повеќе енергија, а за движењето на сите тие пиксели ќе треба и многу моќен мобилен чипсет.

Но, да се префрлиме на техничката страна, односно вртоглавите бројки, кои велат дека дисплејот ќе има дијагонала од 5,5 инчи и резолуција од 3840х2160 пиксели, односно густина на пикселите од 808 пиксели по инч, споредено со „само“ 538 пиксели по инч доколку овој дисплеј имаше резолуција од 2560х1440 пиксели.

ZTE Star 3 се уште не е официјално претставен на јавноста и за тоа ќе треба веројатно да се почека уште некое време, што значи дека овие протечени информации може да бидат и неточни, иако веројатноста за тоа е мала. И да биде така, тоа не значи дека нема да бидат лансирани телефони со 4K екрани – 2016 година се очекува да ги има во голем број.

Извор: TechRadar

Претходна статијаJune Oven – Напредна рерна која ја препознава вашата храна и соодветно ја готви
Следна статијаLeica Q – суперквалитетен фотоапарат за соодветна цена