Lenovo Yoga Book беше лансиран на крајод од минатата година и беше обид на производителот да се дистанцира од останатите производители на хардвер. „2 во 1“ таблет/лаптоп компјутерот има интересна виртуелна тастатура, која може да се изгаси за просторот да се користи за цртање/пишување со дигитално пенкалце. Сега, Lenovo лансира нов таков компјутер, кој има многу пониска цена, но и послаби спецификации.

Lenovo Yoga A12 има 12,2 инчен дисплеј, што е големина слична на Surface Pro 4. Сепак, овој екран има резолуција од само 1200х800 пиксели, што е навистина малку за толку голем дисплеј. Очекувајте дека пикселите ќе бидат лесно видливи дури и од малку поголема далечина. Во внатрешноста пак се вградува Intel Atom x5 чип, кој е веќе две години стар и кој не може да се носи со најдобрите ARM чипови, особено во поглед на ефикасноста.

Intel процесорот е помогнат од просечни 2 GB рам и 32 GB простор, кои се само просечни и покрај тоа што овој компјутер ќе доаѓа опремен само со Android 6.0.1 оперативен систем. На лаптоп кој е наменет и за мултитаскинг (може да ги лансира апликациите во посебни прозорци), 2 GB рам се веројатно малку, особено ако корисникот работи на малку потешки апликации.

Овие просечни перформанси имаат цена од 299 долари, која реално и не е премногу ниска за овие спецификации. Да, Lenovo Yoga A12 може да се користи како таблет (со свртување на дисплејот за 360 степени) и како лаптоп, а има и футуристичка виртуелна тастатура, но цената е премногу блиска до некои многу помоќни таблети. Исто така, Atom чипот веќе не е поддржан од поновите верзии на Android, па не очекувајте во овој таблет/лаптоп да видите Android Nougat.

Извор: PC World, The Verge, Android Police

Претходна статијаПротечени фотографии ја покажуваат целосната убавина на LG G6
Следна статијаТурбини на ветер монтирани на улични светилки