Гледате многу Netflix, YouTube или пак симнати филмови на вашиот смартфон? Xiaomi Mi Max 2 е уред кој би можел да биде одличен избор за вашиот нареден смартфон, бидејќи ги има сите потребни состојки за да ги задоволи потребите на еден зависник од филмови, веројатно многу подобро од вашиот актуелен телефон.

Прво, тука мислам на ултра големиот 6,44 инчен дисплеј, кој е поблизу до големината на таблетите отколку на смартфоните. Тој има и солидна Full HD резолуција, која е супер доволна за уживање во вашите серии и филмови, а телефонот има и стерео звучници кои би требало да имаат помоќен звук од тие на вашиот актуелен смартфон.

Во внатрешноста на овој масивен телефон е вграден Snapdragon 625 чип, кој има осум јадра од кои четири работат на солиден такт од 2.0 GHz. Овој процесор е малку послаб од тој на актуелниот Mi Max (Snapdragon 650), но разликата во перформансите нема да биде толку голема. Тука тој е помогнат од високи 4 GB рам меморија и 64 или 128 GB простор зависно од моделот. Кој модел да го изберете, ќе има и слот за micro SD картичка, што е одлична вест.

Онаму каде Snapdragon 625 треба да брилира е во штедливоста, што заедно со огромната батерија од 5.300 mAh, треба да овозможи исклучително долго траење на батеријата. Всушност, ова е веројатно и најважната алка кај еден уред кој ќе биде наменет за конзумација на мултимедијални содржини – тој може 18 часа непрестано да продуцира видео, а преку USB-C приклучокот може да полни и други смартфони! И како „јаготка на шлагот“ е супер брзото Qualcomm QuickCharge 3.0 полнење, кое ќе наполни дури 68% од батеријата за само еден час. Запомнете, тоа се 3.600 mAh!

И сето ова е вградено во прилично атрактивно тело изработено од алуминиум, кое може да засрами и многу поскапи уреди. На него има вградено и читач за отпечатоци на прстите во задниот дел, што стана веќе стандард во арсеналот на Xiaomi, а како и многу други модели на брендот, камерите на хартија се импресивни – задната има 12 мегапиксели со сензор од Sony, додека предната има 5 мегапиксели.

Xiaomi Mi Max 2 ќе доаѓа со MIUI 8, кој е верзија на кинескиот производител на Android Nougat 7.0 и ќе има цена во Кина од само 250 долари, која кај нас би можела да биде повисока за 15-20%. Според она што го нуди, особено за оние кои ќе ги искористат максимум неговите можности, ова може да е еден вистински победник во класата на таблет/смартфон уредите.

Извор: Android Authority, Tech Crunch, The Verge

Претходна статијаРадио сигналите на земјата ја штитат од штетното космичко зрачење
Следна статијаГраве осигурување одбележува 10 години на македонскиот пазар