Ако сакате смартфон од високата класа, но немате доволно средства за етаблираните смартфони како Galaxy S8 или iPhone 7, на помош доаѓаат кинеските производители. Тука особено мислам на Xiaomi, кој повторно изненадува со супер моќен смартфон од високата класа, за кој нема да треба да подигнете кредит за да го имате.

А доказ за тоа колку е моќен е Snapdragon 835 процесорот, кој е најдобриот од Qualcomm во моментов. Тој е помогнат од масивни 6 GB рам меморија – повеќе дури и од Galaxy S8, а има модел со 64 и со 128 GB простор, што е исто така многу дарежливо.

Приказната не завршува само кај чиповите – назад е вградена двојна камера. Комбинацијата е многу слична на онаа кај iPhone 7 – едната е со поширок агол и погодна за генерални фотографии, додека втората има потесен агол (повеќе зум) и е наменета за фотографирање на портрети и оддалечени субјекти. На широката камера има и стабилизација во четири оски, па може да се очекува и прилично стабилно видео, како и фотографии со висок квалитет во ноќни услови. Предната камера има солидни 8 мегапиксели.

Mi 6 сепак заостанува во еден дел зад конкуренцијата, а тоа е дисплејот. Тој е истиот од Mi 5S и има големина од 5,15 инчи и Full HD резолуција. На оваа големина, помалата резолуција и нема многу да се почувствува, но ќе биде ограничување доколку сакате да го користите телефонот како извор на VR содржини. Во своја одбрана, од Xiaomi велат дека овој дисплеј има 600 nits светлина и работи одлично во денски услови, а може да прикаже и 94,4% од NTSC спектарот на бои.

Од страните, Xiaomi Mi 6 е изработен со челична рамка, која овозможува исклучително висока цврстина. Напред и назад има стакло со 40 процеси на полирање, но достапен е и поскап модел со рамка од злато и заден дел од ќерамика, исто како кај Mi Mix. Mi 6 има и благо заоблено стакло и во предниот и во задниот дел, а напред и дисплејот има блага закривеност на страните.

Телото е исто така отпорно на прскање со вода, но тоа не значи дека ќе може да го потопите. На него за жал недостасува стандарден излез за слушалки, но затоа Mi 6 е опремен со стерео звучници. Нормално, вграден е и читач за отпечатоци и тоа во предното Home копче, додека батеријата има многу солидни 3.350 mAh, кои би требало да овозможат долго траење благодарение на дисплејот со помала резолуција.

Најголем адут на Mi 6 ќе биде цената – основниот модел со 64 GB во Кина ќе чини 360 долари, што за смартфон со толку моќни перформанси е многу поволно. Моделот со 128 GB пак ќе чини 420 долари, додека ќерамичкиот ќе чини 435 долари. Кај нас, очекувајте делумно повисоки цени, но и натаму многу пониски од тие на конкуренцијата.

Извор: The Next Web, GSM Arena, ARS Technica

Претходна статијаОфицијално AMD RX 500 серијата графички се освежени RX 400 модели
Следна статијаApple GarageBand, iMovie и iWork апликациите сега се целосно бесплатни