xiaomi-mi-5s-3

Релативно брзо по лансирањето на Mi 5, кинескиот гигант ги претстави своите нови знаменосци, кои донесуваат перформанси кои се досега невидени во високата класа, луксузна изработка и како и секогаш, прилично ниска цена.

Отсега, Xiaomi ќе има два телефони во понудата, како што има и Apple со двата iPhone-и. Помалиот телефон има дисплеј со големина од 5,15 инчи, додека поголемиот има дисплеј со големина од 5,7 инчи, со што би требало да бидат задоволени потребите на поголемиот број на купувачи. Сепак, двата модели се разликуваат и во скоро сите други спецификации.

xiaomi-mi-5s-1

Помалиот Mi 5s доаѓа со дисплеј со Full HD резолуција и исклучително висока светлина од 600 nits. Во внатрешноста е вграден најновиот Snapdragon 821 процесор кој работи на 2,15 GHz, помогнат од 3 или 4 GB рам меморија, односно 64 или 128 GB простор, зависно од моделот. Батеријата пак има солиден капацитет од 3.000 mAh, особено што дисплејот има само Full HD резолуција, додека напред под стаклото вграден и неизбежниот читач за отпечатоци на прстите – прв од овој вид во светот.

Mi 5s може да се пофали и со висок квалитет на фотографијата – задната камера има 12 мегапиксели со леќа со f/2.0 бленда, додека предната камера има камера со 4 мегапиксели со f/2.0 бленда. Задната камера е опремена со брз фокус и оптичка стабилизација, додека сензорот е новиот Sony IMX 378, од кој може да се очекуваат прилично квалитетни фотографии, дури и во ноќни услови.

Поголемиот Mi 5s Plus, покрај тоа што има поголем дисплеј од 5,7 инчи и Full HD резолуција, доаѓа со помоќен Snapdragon 821 навиен на 2,35 GHz, благодарение на кој постигнува исклучително висок скор од 164.000 на AnTuTu бенчмаркот, нешто на кое Xiaomi е особено горд. Овој модел ќе доаѓа исто така во две изведби, со 4 GB рам и 64 GB простор или 6 GB рам и 128 GB простор. Батеријата кај поголемиот модел нормално има и поголем капацитет од 3.800 mAh, додека читачот за отпечатоци тука е вграден во задниот дел.

xiaomi-mi-5s-plus-3

Голема е разликата и во камерите. Поголемиот модел интересно користи малку постар сензор од Sony за задната камера, кој има 13 мегапиксели, но тука тој е придружен од уште една камера со црно-бел сензор, која треба да го подобри контрастот на сликата и да помогне до почисти слики во ноќни услови, исто како камерата кај Huawei P9. Предната камера пак е иста како кај помалиот Mi 5s.

Двата модели, покрај супер моќните спецификации, имаат и квалитетна изработка од алуминиум, која одлично ја прикрива ниската цена на телефоните. Имено, најевтиниот Mi 5s чини екстремно ниски 300 долари, додека варијантата со 4 GB рам и 128 GB простор чини 345 долари. Mi 5s Plus пак чини 345, односно 390 долари зависно од моделот, што дефинитивно го прави најисплатливиот телефон во високата класа.

Двата телефони инаку ќе се испорачуваат со Android Marshmallow 6.0 и покрај тоа што Nougat 7.0 е повеќе од еден месец стар оперативен систем. Искрено се надевам дека Xiaomi брзо ќе го исправи ова и ќе пушти надградба на поновата верзија, бидејќи сепак се работи за телефони од највисоката класа.

Извор: Android Central, Engadget, Mashable

Претходна статијаWizz Air започнува нова тренинг програма за идните пилоти
Следна статијаMicrosoft Edge за Windows 10 Enterprise ќе биде најбезбедниот прелистувач