Неодамна најавивме дека Vertu, производителот познат по супер луксузните телефони и смартфони ќе лансира нови уреди, но сега стигна веста која се очекуваше веќе подолго време – овој производител нема веќе да го гледаме на пазарот.

Причините за ова се многу, но главната е тоа што покрај употребата на супер скапи материјали, нивните уреди всушност беа технички послаби од скоро сите други конкуренти во високата класа. На пример, многу често се случуваше конкуренцијата да има многу понови компоненти (како на пример Snapdragon 801 наместо 810 чип) и подобар софтвер, за 10-20 пати пониска цена!

Да, телефоните на Vertu имаа супер скапи материјали, како на пример злато, скапоцени камења, различни типови на кожа, меѓу кои и змиска, но дури и на богатите корисници кои обично сакаат да се дистанцираат од околината, поважно им беше смартфонот (порано мобилниот телефон), да има највисоки перформанси, супериорна камера и одлична софтвер поддршка. Токму тука лежи и успехот на iPhone и Galaxy S.

Покрај недоволно големиот успех на пазарот, компанијата има и неколку други проблеми. Имено, новиот сопственик, турчинот Хакан Узан не успеа да го покрие долгот на кредиторите, а воедно е обвинет од својот претходник Гери Чен дека нецелосно ги платил средствата за да ја преземе компанијата. Најверојатно новиот сопственик е вклучен во некоја шема на перење на пари, но ние не сме сајт кој навлегува во тие води.

Како и да е, Vertu дефинитивно нема да му недостасува на светот. Производителот кој порано беше гранка на Nokia лансирана во 1998 година, наменета за оние со различен и префинет вкус (и многу, многу пари), почна да пропаѓа заедно со финскиот бренд, кој дури сега почна повторно да испливува на пазарот. За среќа, веќе нема да бидеме сведоци на смартфони со цена од 10.000 евра и просечни перформанси на пазарот.

Извор: Chipchick, TechCrunch, The Verge

Претходна статијаПоранешен директор од Apple вели дека заостануваат во развој и иновации
Следна статијаGalaxy C10 ќе биде првиот смартфон на Samsung со двојна камера