Компанијата Vaio, која се оддели од Sony пред нецели две години, даде многу големи ветувања кои според тоа што го направија досега, тешко дека ќе се исполнат. Имено, враќањето на пазарот тие го започнаа со прилично скапи лаптопи и таблет/лаптопи од високата класа, кои поминаа скоро незабележано, како и со Windows 10 Mobile смартфон, кој уште во почеток беше осуден на пропаст.

Причината за ова е што овој телефон доаѓаше само со Windows 10 Mobile, оперативен систем кој одамна не е на радарот на поголемиот дел на корисници. Сега, Vaio ја исправува грешката и го лансира моделот Phone A со Android Marshmallow 6.0, но се чини прекасно, бидејќи се работи само за просечен смартфон, кој ќе биде достапен само во Јапонија.

Спецификациите не се многу лоши, но конкуренцијата веќе направи неколку скокови напред. Дисплејот има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, но процесорот е прилично слаб Snapdragon 617, барем за денешни услови. Тој е сепак помогнат од солидни 3 GB рам меморија и простор за податоци од 16 GB, со можност за проширување преку micro SD картичка.

Одлика на овој смартфон е што има изработка од алуминиум однадвор, како што му одликува на уред со логото на Vaio, но батеријата има само просечни 2.800 mAh – многу малку за смартфон со толку голем дисплеј. Цената во Јапонија ќе изнесува 223 долари, што е многу помалку од претходникот со Windows, но скапо со оглед на конкуренцијата, особено онаа од Кина, која веќе нуди помоќни смартфони за истите пари.

Извор: Engadget, The Verge, GSMArena

Претходна статијаAndroid сигурносните надградби ќе бидат уште почести оваа година
Следна статијаГео-локацијата се враќа во Google Maps