Тајванскиот производител последниве неколку години буквално го снема од радарот на поголемиот дел на купувачи на паметни телефони. Минатата година тие го претставија HTC 10, кој беше одличен смартфон, но кој немаше карактеристика која ќе го издвои од конкуренцијата, а имаше и превисока цена. Сега, тие одново атакуваат во високата класа со U Ultra и U Play, смартфони кои се целосно различни од тоа што досега го гледавме од нив.

Прво, U Ultra и U Play се изработени од стакло. Сепак, бидејќи HTC е познат по надворешниот дизајн и изработка, ова не е стандардното стакло кое би го начекале кај некој друг паметен телефон. HTC ја викаат нивната технологија и изработка Liquid Surface и навистина, двата нови паметни телефони изгледаат како да се во течна состојба, благодарение на начинот на кој стаклото ја прекршува светлината. Дефинитивно, HTC повторно имаат одличен дизајн.

Поинтересниот модел од двата е U Ultra, кој покрај „течниот” дизајн има и втор дисплеј со големина од 2 инчи во горниот дел, исто како LG V20. Овој дисплеј може константно да прикажува информации, како на пример омилени контакти или пак нотификации, се додека големиот дисплеј е исклучен. Големината на поголемиот дисплеј е пак 5,7 инчи со Quad HD резолуција, што значи дека ова е уред кој ќе се натпреварува во “Galaxy Note” класата на паметни телефони.

Останатите спецификации се многу слични на HTC 10. Процесорот е Snapdragon 821 помогнат од 4 GB рам и 64 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка. Батеријата сепак има капацитет од само 3.000 mAh, што делува како многу малку за толкав телефон. Во предниот дел е вграден и читач за отпечатоци на прстите, што е веќе стандард во класата.

Задната камера има 12 мегапиксели Ultra Pixel сензор и оптичка стабилизација и според она што го знаеме за истата камера од HTC 10, би требало да е многу солидна. Предната камера пак има 16 мегапиксели, што е одлична вест за селфи зависниците. Она што недостасува кај U Ultra, а истовремено и кај U Play е 3,5 mm излез за слушалки. За таа цел ќе се користи USB Type-C приклучокот.

HTC U Play е малку послаб уред од Ultra. Тој има 5,2 инчен Full HD дисплеј, послаб MediaTek Helio P10 чип, 3 или 4 GB рам и 32 или 64 GB простор зависно од изведбите. Назад тој има камера со 16 мегапиксели и f/2.0 бленда, а иста резолуција има и предната камера. Батеријата тука има исто така прилично слаб капацитет од 2.500 mAh. U Play ќе доаѓа со вграден Android Nougat 7.0, исто како и неговиот поголем брат.

U Ultra е веќе достапен во преднарачка на веб сајтот на HTC по цена од 749 долари. U Play пак би требал да пристигне наскоро на пазарот и ќе има цена од 400-500 долари, што е коректно, особено со оглед на тоа што HTC отсекогаш важел за поскап бренд. Овие модели би требало да ги има и на нашиот пазар.

Извор: The Next Web, The Verge, GSM Arena

Претходна статијаApple со план да го освојат Холивуд
Следна статијаSamsung ја пушти официјалната надградба на Android Nougat за Galaxy S7 и S7 Edge