iphone_6_and_6_plus_rear_camera_hero

Повеќето корисници најверојатно знаат дека просторот за складирање на податоци со кој што доаѓаат уредите се користи и за инсталирање на оперативниот систем, како и одредени апликации од страна на производителот, а често и од операторот.

Бројот на гигабајти кој што е означен на спецификациите од уредот се однесува на вкупната достапна бројка, односно видот на меморија, а не на достапниот простор при купување на производот.

Оваа практика кој што важи за сите производители, не само за Apple, е до некаде дискутабилна. Колку и да се запознаени со ова корисниците, сепак тие кога ги гледаат спецификациите за уредите, не ретко го забораваат овој факт. Потоа помалиот простор може да претставува проблем за одредени корисници, посебно за тие кои што имаат купено уред со 16GB меморија или и помалку.

Обично оперативниот систем не намалува многу од достапниот простор, па корисниците најчесто и не ни го забележуваат истото. Меѓутоа во одредени случаи тоа може да биде и многу повеќе. На пример, доколку купите Microsoft Surface Pro 3 со 64GB меморија, за користење ќе ви бидат достапни само 37GB.

Двајца корисници на iPhone сепак сметаат дека ваквата практика на производителите не треба да биде дозволена, па тие се имаат решено да поднесат тужба против Apple. Тужбата се однесува на помалиот простор со кој што доаѓаат iPhone 6 моделите со 16GB меморија, а посебно за постарите модели кои што се надградени на iOS 8.

Дека iOS 8 зафаќа нешто повеќе простор се дозна кога системот стана достапен за надградба, па доста корисници не можеа да го надградат својот уред поради недостаток на простор за симнување на инсталациониот фајл.

Двајцата тужители исто така вклучуваат во тужбата и дел за дополнителниот простор кој што им е достапен на корисниците преку iCloud. Според нив, Apple вешто имаат направено да во одредени итни моменти корисниците кога немаат доволно простор да сликаат на пример, единственото решение кое што го имаат е да платат за поголем простор на cloud сервисот iCloud.

Вакви тужби не се случуваат првпат за ваква работа, а не е ни првпат Apple да бидат тужени за ова. Доколку се земе во предвид досегашното искуство, оваа тужба не би требало да помине, но останува да видиме.

Какво е вашето мислење за помалиот достапен простор од вкупната меморија на уредот? Дали тоа некогаш ви има претставувано проблем во одредена ситуација ?

Извор: The Verge, Macworld

Претходна статијаThe Pirate Bay одбројува до 1-ви Февруари, дали е можно официјално враќање на страната ?
Следна статијаТрансплантација на матични клетки предизвикала израсток на нос на грбот на пациентката
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.