016b1838-718a-4a83-99e5-57bed4468ae4

Microsoft, како големо изненадување за сите, го претстави својот прв лаптоп наречен Surface Book на настанот кој што го одржа на 6-ти октомври. Скоро и да нема некој кој што има нешто негативно да каже за овој производ кој што веќе се гледа дека ќе направи огромни продажби. Тој иако е лаптоп, до некаде ќе навлезе и на пазарот на таблет компјутери, а посебно кај деловните корисници.

Windows Phone оваа година го довива својот трет редизајн во изминатите години, почнувајќи од главниот Windows Phone 7, па Windows Phone 8 и сега најновиот Windows 10 Mobile кој што треба да стане достапен за корисниците од декември. Заедно со десктоп верзијата, Windows 10 треба да биде последната верзија од Windows, односно сите наредни надградби ќе бидат под оваа верзија.

Сите сме запознаени со слабата популарност на овој оперативен систем наменет за мобилните уреди. Причини за тоа има повеќе, како на пример слабиот интерес на програмерите за развој на апликации, малиот избор на уреди кои што работат на системот, како и слабото договарање на Microsoft со операторите, а посебно во САД.

Од Microsoft веќе се обидоа да привлечат повеќе корисници со поголема понуда на уреди од средната и ниската класа, надевајќи се дека корисниците кои што за првпат купуваат паметен уред, ќе се одлучат за Windows Phone. Тука се и корисниците од земјите во развој кои што се одлучуваат за поевтините понуди.

Сепак, иако оваа стратегија е логична и се покажа како навистина успешна за Android, сепак главниот успех, односно популарноста се прави со уредите од највисоката класа. Меѓутоа, што е тоа што Microsoft може да го понуди како уред, со оглед на фактот дека нема многу што би можеле да иновираат во оваа област, барем на уште неколку години.

Lumia-950-and-XL-940x470

Која е главната стратегија на Microsoft за зголемување на популарноста на Windows 10 ?

Главната стратегија е наречена „Универзални апликации“, односно „Universal Apps“. Универзалните апликации се апликации кои што ќе можат да работат на било кој уред кој што работи на Windows 10. Промените кои што програмерите ќе треба да ги направат за да ја прилагодат апликацијата за повеќе уреди се минимални, па нема да треба да развиваат посебен код за секој уред.

Пазарниот удел кој што го има Windows Phone во светот моментално се движи околу 3%. За разлика од мобилните, па и таблет компјутери, десктоп компјутерите се’ уште во главно работат на некоја од верзиите на Windows. Тоа значи дека Microsoft има многу поголем пазарен удел доколку се земат сите видови на уреди во предвид, а не само мобилните.

На овој факт се темели претпоставката за успех на универзалните апликации. Програмерите сега кога развиваат апликации за Windows, тоа не го прават само за малиот Windows Phone, туку за разни уреди кои што држат голем дел од пазарот. Тоа треба да привлече нови програмери и истите да ги донесат своите апликации на ниво на Android и iOS.

Се разбира, за оваа стратегија да успее, потребно е огромниот број на Windows 7, како и Windows 8 корисници да ја инсталираат најновата верзија од овој оперативен систем, а бројките покажуваат дека тоа нема да биде проблем.

Lumia-950-XL-coming-soon-jpg

Втората работа која што треба да го издвои Windows 10 Mobile од конкуренцијата е можноста за поврзување со монитор и користење како десктоп компјутер. Хардверските компоненти се веќе доволно напреднати да можеме да ги користиме паметните телефони како целосни компјутери, барем за одредени основни функции. Доколку некој се размислува дали да почне да користи паметен телефон со Windows, оваа можност може да биде голем дел од одлуката.

en-INTL-PDP0-Atlas-Devices-CR9-00001-P2

Важноста на новиот Surface Book може да се види токму во влијанието на овој уред на популаризирањето на оперативниот систем. Колку повеќе корисници се одлучат да го користат новиот Windows 10, толку тоа ќе значи задржување на пазарниот удел на Microsoft, како и негово зголемување.

Популарноста на Surface Book како одличен хардвер, може да привлече и голем број на корисници кои што досега не помислувале да користат Windows. Тоа значи дека овој производ може да се осигура дека Windows 10 на десктоп ќе успее, за разлика од претходната верзија од овој оперативен систем.

Успехот на десктоп верзијата од оперативниот систем индиректно ќе влијае на успехот и на мобилната верзија која што би требало конечно да добие многу повеќе и поквалитетни апликации. Затоа ја истакнавме и важноста на универзалните апликации. Програмерите сигурно ќе бидат заинтересирани да претставуваат апликации за Windows 10 кој што покажува големи знаци дека ќе биде успешен. Се очекува повеќето од овие програмери, поради едноставноста, да ги направат своите апликации унверзални, со што и мобилната верзија од овој оперативен систем индиректно ќе ја збогати својата продавница.

Исто така, самиот имиџ на компанијата се менува, а со тоа и желбата на корисниците за нејзините производи.

Големото изненадување во форма на Surface Book, може да се покаже како главната причина зошто Windows 10 Mobile ќе опстане и ќе добие доволно корисници за да може да се каже дека успеал.

Дали може да се очекува удел поголем од 15-20% проценти е веќе дискутабилно, меѓутоа со стратегијата на Microsoft, она што е потребно за почеток е доаѓање блиску до 10% од пазарот на мобилни оперативни системи.

Претходна статијаGest ви дозволува да ги користите движењата на раката за управување со компјутерот
Следна статијаДонеси е-отпад, а однеси вредна награда
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.