xperia-compact (2)

Јапонскиот производител се чини веќе предолго се обидува да фати приклучок со најдобрите на смартфон сцената – нивните паметни телефони од високите класи се одлични парчиња технологија, но немаат ништо револуционерно што би ги издвоило од толпата. И сето ова се случува во време кога дури и кинеските производители нудат револуционерни функционалности.

Новите телефони од X линијата, кои Sony ги претстави на IFA во Берлин, се повторно чудни парчиња техника. Се работи за извонредно дизајнирани паметни телефони од високата класа, на кои би можеле да им позавидат многу други производители, но само со солидни спецификации.

xperia-xz (3)

Да, помоќниот XZ има Snapdragon 820, но само 3 GB рам меморија и 32 GB простор (има и слот за micro SD), додека дисплејот има големина од 5,2 инчи и Full HD резолуција. Многумина можеби и нема да ја забележат разликата во однос на конкурентите со 4 или 6 GB рам меморија или пак Quad HD дисплеј, но останува горчината во устата кога ќе ги прочитате тие податоци… Не е импресивна ниту батеријата, која има само 2.900 mAh, што е веројатно минимум во оваа класа, но Sony ветуваат дека е оптимизирана за цел ден користење.

X Compact е помалиот уред, кој исто така нема да понуди ништо импресивно во поглед на спецификациите – дисплејот има големина од 4,6 инчи и HD резолуција, процесорот е Snapdragon 650 со 3 GB рам меморија и вградени се 32 GB простор. Батеријата пак има капацитет од 2.700 mAh, што би требало да е доволно за цел ден користење, особено со оглед на помалиот дисплеј со пониска резолуција.

xperia-xz (2)

Sony сепак има еден адут во ракавот и за двата телефони, а тоа е задната камера со Exmor RS сензор од 23 мегапиксели, ласерски автофокус и f2.0 бленда, за која тие велат дека е најдобра што ја направиле досега. А кога Sony вели дека ова е нивната најдобра камера, секако дека треба да и се обрне поголемо внимание. Предната камера пак има веќе стандардни 5 мегапиксели.

Лично, не се сомневам во квалитетот на самиот сензор и леќата, но како што јавуваат некои присутни на саемот IFA, софтверот и натаму е Ахиловата петица. За финален заклучок ќе почекаме да излезе официјалната верзија на телефонот, но според досегашното искуство, не очекувам камерата да биде успешна во сите ситуации на фотографирање.

xperia-compact (1)

На IFA не успеавме да ја дознаеме ниту цената на Xperia XZ, но може да се очекува дека таа ќе биде повисока и дека ќе се натпреварува директно со најскапите модели во високата класа. И двата модели би требало со сигурност да бидат достапни и кај нас, а ќе доаѓаат со (застарен) Android Marshmallow.

Извор: Engadget, The Verge, Sony

Претходна статијаСветски имиња на пред – акцелераторската програма на Seavus инкубатор
Следна статијаAsus го претстави Zenwatch 3 – достапен паметен часовник со Android Wear и луксузен дизајн