Јапонскиот гигант Sony можеби не продава премногу смартфони, но тоа не значи дека неговите модели не се доволно добри. Ова особено важи за новиот Xperia XZ Premium смартфон од високата класа, кој има импресивен дисплеј со 4K Ultra HD резолуција (како и неговиот претходник Z5 Premium) и поддршка за HDR, а има и камера која може да снима ултра забавено видео со 960 fps.

Всушност, кај овој смартфон се е ултра. Ова е првиот смартфон со Snapdragon 835 процесор, што е една од причините и зошто ќе биде достапен на крајот од пролетта. Едноставно, овој чип не е достапен во моментов. Тој е инаку помогнат од 4 GB рам меморија и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка.

Она што загрижува кај Xperia XZ Premium е дисплејот од 5,5 инчи со Ultra HD резолуција. Реков загрижува? Батеријата има „само“ 3.230 mAh и делува навистина мала за смартфон со толку многу пиксели. Не дека самиот дисплеј нема да изгледа импресивно – покрај страшно високата резолуција од 3840х2160 пиксели, тој поддржува и HDR, што го прави веројатно најдобар за гледање Netflix серии и филмови.

Како и скоро секој Xperia модел во изминативе неколку години, Xperia XZ Premium има IP68 отпорност на вода и прашина. Надворешната изработка е од стакло и мора да се признае дека изгледа многу привлечно, иако ваквиот финиш секако ќе има проблем со отпечатоци од прстите. Кога сме кај нив, читачот е вграден отстрана, за да биде лесно достапен за палецот. Интересна локација.

И покрај сите погоре споменати импресивни спецификации, главниот адут на Xperia XZ Premium ќе биде камерата. Таа има целосно нов, поголем сензор со 19 мегапиксели, кој треба да овозможи највисок квалитет на фотографиите и преку ден и навечер, но и снимање на HD видео со неверојатни 960 fps (слики во секунда), за супер забавени снимки како од документарните емисии. Предната камера е исто така импресивна – има дури 13 мегапиксели.

Xperia XZs е поевтина верзија со послаб дисплеј и процесор, но подеднаква камера
Иако цените за Xperia XZ Premium сѐ уште не се објавени, не очекувајте дека ќе може да го имате за помалку од 1.000 евра. Затоа, за оние кои сакаат врвна камера и привлечен дизајн, Sony го лансира и моделот XZs, кој се разликува од Premium верзијата по тоа што има помал 5,2 инчен дисплеј со Full HD резолуција, Snapdragon 820 процесор со 4 GB рам и 32/64 GB простор, батерија од 2.900 mAh. Дизајнот сепак останува ист, како и отпорноста на вода и прашина и камерите. Цената на овој модел би требало да биде за неколку стотини евра поевтина. Xperia XZs ќе биде достапен уште во Април.

Извор: PC World, Phone Dog, Wired

Претходна статијаНаскоро ќе може да блокирате инсталација на апликации кои не се од Windows Store
Следна статијаHuawei P10 е еволуција на P9-ката, достапен и во поголема Plus верзија