Скоро сите денешни паметни телефони од високата и средната класа имаат можност за снимање на „забавено видео”, која овозможува подобро да го фатите моментот и да направите покреативно видео. Сепак, нивните можности не се ништо во споредба со тоа што ќе го може новиот сензор на Sony, кој снима со 1.000 слики во секунда, што значи дека на видеото ќе може да видите работи кои претходно не сте можеле.

Овој сензор не само што ќе може да снима драматично забавено видео, туку тоа ќе го прави во Full HD резолуција со 1920х1080 пиксели. Сето ова е овозможено благодарение на тоа што на самиот сензор има посебна DRAM меморија од 1 гигабит, која може да го зачува големиот проток на податоци додека тој не се впише на меморијата на телефонот.

CMOS сензорот е инаку изработен од три слоеви и има 21,2 мегапиксели, што значи дека логично е да очекуваме да има и висок квалитет на фотографиите, покрај фантастичните видео можности. Тој може да слика и фотографии со резолуција од 19,3 мегапиксели за само 1/120 дел од секундата, што е четири пати побрзо од другите паметни телефони. Сензорот нормално може да снима и Ultra HD 4K видео и тоа при 60 слики во секунда.

Сите овие можности очекувајте да ги видите во некој од смартфоните на Sony во блиска иднина, но и во смартфони на останатите производители, кои најчесто сензорите за камерите ги купуваат токму од јапонскиот гигант.

А за да „вкусите” како би изгледало толку забавено видео, еве едно снимено со 960 слики во секунда. Видеото е потоа пуштено со 15 слики во секунда, што значи дека со една секунда снимање, добивате 64 секунди финално видео, доколкуи се одлучите целото да биде забавено.

Извор: The Verge, GSM Arena, Tech Radar

Претходна статијаОстров целосно снабден со обновлива енергија од страна на Tesla
Следна статијаБидете безгрижни со MyKi™, додека вашето дете го истражува светот