Споделувањето на интернет конекцијата од нашите смартфони е достапно веќе се години и е многу корисно во ситуации на „еееј немам веќе интернет на телефон, ај пушти ми од кај тебе“. Отсега, истото ќе може да го направите и кога ќе снемате батерија, нормално ако вашиот пријател е расположен да оддели од неговата.

На ова работи Sony, кој замислува свет во кој ќе може да дадеме дел од наполнетоста на нашата батерија на нашите пријатели. Сето ова ќе се прави безжично, што значи дека нема да мора да бидете поврзани со кабел, но телефоните сепак ќе мора да бидат близу. Во превод, ќе треба да ги оставите на маса.

Ова е интересен концепт, но лично не верувам дека некој е расположен да ја сподели својата батерија. Споделување на интернет е различно – во тој случај не делите голем процент од него со вашиот пријател, но во случајот со батеријата, доколку навистина сакате да помогнете, ќе треба да одделите добар процент од вашата, плус загубите кои се јавуваат во текот на безжичното полнење.

Сепак, за смартфони со доволно голема батерија, доколку поседувате еден таков, вие можете да бидете популарниот пријател во друштвото кај кого сите се обраќаат кога ќе им снема батерија.

Засега, оваа технологија на Sony е само патент и може да се случи никогаш да не ја видиме во некој нивни смартфон, особено што веќе се работи на технологии за безжично полнење кои работат оддалеку. Замислете како влегувате во некоја соба и телефонот веднаш почнува да ви се полни – во тој случај потребата од вакви пријатели драматично би се намалила.

Извор: The Verge, Digital Trends, The Next Web

Претходна статијаРобот изведе прецизна операција на вметнување на слушен имплант
Следна статијаСамсунг освои четириесет и девет “iF Design“ награди