sony-xperia

Треба да живеете во пештера за да не знаете дека на Xperia дивизијата на Sony не ѝ оди најдобро. На пазарот на паметни телефони во моментов има неколку успешни играчи – Apple, Samsung и кинеските производители Huawei и Xiaomi, а јапонскиот гигант е далеку од нив на листата.

Поради ваквиот развој на настаните, според најнови информации, Sony најверојатно ќе ја намали гамата на паметни телефони, која во моментов изгледа дури и премногу богато за производител со толку слаба продажба. Ако може да им се верува на информациите, ќе опстане само новата Xperia X серија, која е своевидна замена за Xperia Z серијата, но со модели кои ја опфаќаат и средната и високата класа.

Според ова, Sony би можел да престане да произведува паметни телефони од пониските класи, каде е прилично успешен на нашиот пазар на пример. И ова е логично – кинеските производители нудат квалитетни паметни телефони по невозможно ниски цени, кои секако не може да ги постигне Sony.

Од друга страна, фокусот на само една, премиум линија на производи секако може да донесе и повеќе иновации, кои ќе можат вистински да ги стават паметните телефони на радарот на купувачите, а како противтежа на супер популарните iPhone и Samsung Galaxy телефони.

Sony инаку е веќе присутен во скоро секој паметен телефон на земјава – нивните камера сензори се убедливо најквалитетните и најкористените во паметните телефони, од ниските до највисоките класи. Сепак, вистинскиот профит го прават самите паметни телефони, нешто што сум сигурен ќе се обиде Sony да го подобри во наредните две години.

Извор: TechRadar, TechTimes, Forbes

Претходна статијаКопчињата на оваа тастатура реагираат различно на секој прст на раката
Следна статијаGoogle претстави апликација за полесно групно споделување