Силиконска 3D принт маска го излажа Face ID во iPhone X

Напишано на 14.11.2017 - 11:21 од Иво Гиевски

Една од најскандалозите технологии поврзани со новиот iPhone X е Face ID, која им овозможува отклучување на корисниците само со нивното лице. Според Apple, оваа технологија гледа во 3D и затоа е скоро невозможно да се излаже, односно е побезбедна од читачот за отпечатоци Touch ID.

Сепак, веќе видовме дека идентични близнаци можат без проблем да си ги отклучат iPhone X телефоните, што е на некој начин загрозување на приватноста, а сега безбедносна компанија од Виетнам успеа да го направи истото со 3D принт од лицето на некој човек.

Што е најинтересно, лицето човек уште веднаш би го препознал дека е вештачко, бидејќи делува како Франкештајн комбинација од сопственикот на телефонот. Компанијата Bkav го има направено ова лице со помош на едноставен 3D принт од пластика, силикон, малку шминка и парчиња хартија и според нив, секој малку поспособен човек би можел да го направи истото.

Ова означува голема дупка во безбедноста на новиот iPhone X, особено за популарните луѓе, чии лица се низ цела интернет мрежа. Со помош на тие фотографии, хакерите би можеле да направат детална 3D мапа на лицето на овие лица и потоа со ваков 3D принт да го отклучат iPhone X-от и да пристапат до многу приватни податоци.

Од компанијата Bkav нагласуваат дека направиле 5 минутно детално анализирање на лицето за да дојдат до маската, што значи дека обичните корисници и немаат од што да се плашат, но како и да е, тоа што Face ID беше толку брзо пробиен и не е најдобра вест, особено што истата технологија е многу потешка и понезгодна за користење од супер брзиот и безбеден Touch ID.

Извор: Wired, BGR, The Verge

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.

Контакт: [email protected]