blackphone-2-store-render

Приватноста, особено во еко системот на Google, е сериозно климава и затоа има многу производители кои се обидуваат да му понудат на корисникот начин да се заштити. Втората генерација на најбезбедниот телефон Blackphone, доаѓа со неколку подобрувања, а и натаму нуди најдлабоко ниво на заштита од шпионирање.

Уредот има вградено посебна Android верзија, наречена Silent OS, која има целосна енкрипција на податоците уште во старт. Покрај тоа, Silent Circle ветува дека може да открие недостатоци во заштитата или багови максимум 72 часа по нивната појава и брзо да ги закрпи, што во превод значи дека ќе бидете „скоро“ секогаш максимално заштитени од напади.

Во новиот модел, корисникот ќе може и самиот да го одреди нивото на приватност, зависно од апликациите и сервисите кои се вградени. За разлика од претходникот, овој уред сега има и целосна поддршка за Google Play Store, што значи дека нема да имате недостаток на апликации.

ap_resize

Самиот телефон има солидни спецификации – 5,5 инчен Full HD дисплеј, Qualcomm Snapdragon 615 процесор со осум јадра, 3 GB рам меморија, 32 GB простор за складирање податоци и слот за micro SD картичка. Батеријата има капацитет од 3060 mAh, што со овој процесор, веројатно треба да е доволно за траење од преку еден ден. Задната камера има 13 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели, што е прилично стандардно.

Најголем недостаток на Blackphone 2 е веројатно цената, која изнесува 799 долари, пари за кој може да се купи iPhone 6S или Samsung Galaxy Note 5, телефони кои се многу помоќни во поглед на спецификациите.

Сепак, за сите оние кои сакаат максимална заштита, ова засега се чини е единствениот избор, а реално, овој модел има можности кои моментално ги нема ниту еден друг на пазарот. Се до појавата на првиот Blackberry телефон со Android, кој исто така ќе има некое ниво на заштита, но останува да видиме колку ќе биде длабоко тоа.

Извор: Android Central, ARS Technica

Претходна статијаGoogle го зголеми лимитот за големината на апликации во Play Store на 100MB
Следна статијаNASA потврди – на Марс има знаци за вода во течна состојба