Корејскиот гигант е скоро сигурно најиновативниот производител во светот на технологијата и нов патент за двојна камера го потврдува тоа. Додека двојните камери на конкурентите донесуваат подобрувања само во делот на фотографиите, камерата на Samsung ќе донесе нови видео опции, кои се во најмала рака импресивни.

Како и скоро сите други двојни камери и оваа ќе има една со широк и една со тесен агол, со што ќе се овозможи своевиден „оптички зум”. Сепак, камерата на Samsung ќе има посебна технологија вградена во камерата со потесен агол, која ќе може да го следи субјектот, додека широката ќе ја фаќа целата сцена.

На пример, на фотографиите прикажани во патентот, може да се види човек на ски-борд. Широката камера во случајот кога се снима ја фаќа целата сцена, додека тесната „зум” камера го следи субјектот, односно човекот на скибордот. Потоа, со апликација во телефонот може да се долови вистински филмски ефект – прво да се покаже целата сцена и кога човекот со ски-бордот ќе се вивне во воздухот, корисникот ќе може да зумира само на него за подобро да се види „пируетата“.

Ова може да е корисно и за многу други ситуации и според тоа што може да го видиме, овозможува вистински телевизиски видео опции за корисникот. Нормално, технологијата ќе работи и со статични фотографии, што значи дека од целата фотографија од човекот на ски-бордот и целата сцена околу, може да се извади само човекот и тоа во висока резолуција.

Прашањето секако е кога ќе можеме да ја видиме оваа технологија. Бидејќи овој патент е приложен минатата година, се чини дека е премногу рано да ја видиме во Galaxy S8, кој ќе биде претставен оваа година. Моја претпоставка е дека оваа двојна камера би пристигнала на пазарот дури наредната година, но секако стегам палци да пристигне многу порано од тоа.

Извор: Android Authority, Softpedia, GSM Arena

Претходна статијаLG објави видео за G6 – ќе биде водоотпорен и ќе има моќна камера
Следна статијаLG G6 ќе има систем за ладење на чипот