Samsung и iPhone многу често ги имаме во ист наслов, но ретко на ваква тематика. Имено, според сите информации, Apple iPhone 8 ќе има изведба и со OLED дисплеј, а како најголем производител на такви дисплеи во светот ќе ги испорачува Samsung.

Договорот меѓу двете компании е Samsung да испорача 100 милиони пластични OLED дисплеи, што е исклучително голем бизнис. Но, зошто пластични дисплеи? Причината е едноставна – P-OLED дисплеите можат лесно да се виткаат и нив ги има во “Edge” моделите на Samsung, за разлика од Super AMOLED дисплеите во нормалните модели.

Samsung наредната година ќе го лансира новиот Galaxy S8 телефон, кој скоро сигурно ќе биде достапен само во “Edge” изведби, што значи дека ќе има исклучиво P-OLED дисплеј. Ова значи дека Samsung ќе треба да произведува исклучително голем број на вакви дисплеи, со цел да ги задоволи своите и потребите на Apple, нешто што според аналитичарите тие можат да го постигнат.

Веста пак дека Apple ќе користи P-OLED дисплеи во iPhone 8, значи дека и тој би имал некое закривување на дисплејот. Какво ќе биде тоа се уште е рано да се каже, но има најави дека барем еден модел може да е закривен на сите страни и да нема воопшто рамка околу дисплејот. Ваков дисплеј сепак би имал само еден 5,5 инчен премиум модел и тој ќе биде многу поскап од стандардните iPhone-и.

Причината за тоа што останатите модели пак нема да имаат P-OLED дисплеи е што Samsung не може да испорача повеќе од 100 милиони, што е половина од вкупната продажба на iPhone. Во 2018 година сепак се очекува во испораката да се приклучат Sharp и LG, што значи дека наследникот на iPhone 8 би можел да биде целосно опремен со OLED дисплеи.

Извор: Pocketnow, MacRumors, T3

Претходна статијаSamsung ќе користи батерии од LG во идните смартфони?
Следна статијаБританските власти планираат да го блокираат сигналот на мобилните во автомобилите