Дебаклот со батеријата на Galaxy Note 7, за Samsung значеше само едно – дека ќе мора да се подобрат во иднина. Тоа ќе започне со новиот знаменосец Galaxy S8, кој ќе има батерија која ќе биде испитана во 8 чекори, се со цел батериите да бидат целосно безбедни кога ќе бидат испорачани на клиентите.

Прво, батериите ќе бидат тестирани на издржливост од бушење и удари, високи и ниски температури, вибрации, преполнувања и слично. Вакви тестови имаат и други производители, но Samsung сега ќе биде особено ригорозен. Вториот чекор е визуелна инспекција, бидејќи човечкото око е сѐ уште најдобриот начин за изведување на ваква работа.

Третиот чекор е нешто што човечкото око не го може – X зраци. Со овој чекор, Samsung ќе ги проверува батериите во внатрешноста, со цел да се осигура дека нема да има неправилности. Четвртиот чекор пак е тестирање на полнење и празнење многу пати, со цел да се имитира секојдневното користење.

Петтиот чекор е тест за протекување на штетните материи од внатрешноста, поточно TVOC (Total Volatile Organic Compound). Покрај тоа што овие материи се токсични, тие може да бидат и причина за запалување на батеријата, како кај Galaxy Note 7. Шестиот чекор е растурање на батеријата со цел да се провери квалитетот на сите вградени компоненти.

Седмиот чекор е многу близок до тоа како клиентите ќе ги користат своите телефони и се однесува на забрзано користење на смартфоните. На пример, во овој случај користење на смартфонот кое би земало две недели, се изведува за пет дена. На крај, во осмиот чекор Samsung ќе го испитува и напонот на батеријата во целиот процес на производството, што е значајно за елиминирање на можноста за краток спој.

Сите овие чекори според Samsung треба да се доволни за експлозија на батеријата никогаш да не се случи повторно во еден нивни паметен телефон.

Извор: Digital Trends, BGR

Претходна статијаНов драјвер на Nvidia ќе ги подобри перформансите во DirectX 12
Следна статијаВештачката Интелигенција на Google може да препознае што гледа во видеа со извонредна точност