galaxy-wide-640x374

Електронскиот гигант од Јужна Кореја го има во апсолутно сите класи на паметни телефони кои можете да ги замислите. Новиот Galaxy Wide на пример е телефон од средно-ниската класа и е наменет за оние кои сакаат поголем дисплеј, но не се особено загрижени за перформансите, односно брзото стартување на апликации и мазно работење на телефонот.

Дисплејот е веројатно најголемиот адут на овој паметен телефон – голем е 5,5 инчи и има HD резолуција, која денес можеби не делува импресивно, но веројатно е доволна за просечниот купувач. Сите тие пиксели ќе ги движи Snapdragon 410 процесорот на Qualcomm, од кој не може да се очекуваат чуда, но барем е помогнат од 2 GB рам меморија, што треба да му овозможи на Android Marshmallow 6.0 оперативниот систем да „дише“.

Galaxy Wide ќе има 16 GB вграден простор со можност за проширување преку micro SD картичка, батерија со солиден капацитет од 3.000 mAh (особено со оглед на штедливиот процесор и дисплејот со помала резолуција), задна камера со 13 мегапиксели и предна камера со 5 мегапиксели. Интересно, телефонот има и вграден тјунер за дигитална телевизија T-DMB, која е популарна во Јужна Кореја.

Цената на Galaxy Wide во Јужна Кореја ќе изнесува прилично високи 275 долари, што се пари за кои реално може да се добие помоќен телефон од кинеската конкуренција, но тука веројатно се плаќа и за брендот. Сѐ уште нема информации за тоа дали овој телефон ќе биде достапен надвор од матичната земја, но со оглед на глобалните аспирации на Samsung, може да го очекувате тоа.

Извор: Ubergizmo, GSMArena, Sammobile

Претходна статијаКако Стив Џобс влијаеше врз Леброн Џејмс и финалето на НБА
Следна статијаКако да го деактивирате или избришете OneDrive од Windows 10