Samsung штотуку го лансираше својот втор смартфон со двојна камера, по Galaxy Note 8. Се работи за најдобриот телефон во “J” серијата, која е наменета за оние со поплиток џеб и иако смартфонот има достапна цена, не е телефон кој може да си го дозволи секој. Сепак, тој има доволно адути во ракавот за да ја оправда таа цена, иако кинеските конкуренти веќе нудат подобро опремени модели за истите пари.

Најголем се чини е задната камера, која е комбинација на модул со сензор со 13 мегапиксели и леќа со f/1.7 бленда, како и сензор со 5 мегапиксели и f/1.9 леќа. Во комбинација, двете камери можат да се користат за „портрет мод“, со замачкување на позадината. Предната камера е исто така импресивна – има 16 мегапиксели и е придружена од блиц, што е одлична вест за оние кои сами сакаат да се фоткаат.

Останатите спецификации на Galaxy J7 Plus не се воопшто за потценување. Тој е опремен со MediaTek Helio P20 чип со осум јадра, помогнат од 4 GB рам и 32 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка. Дисплејот има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција и е Super AMOLED, што значи дека ќе има многу висок квалитет. Батеријата пак има капацитет од 3.300 mAh, што е веројатно доволно за целодневно користење со едно полнење.

Samsung Galaxy J7 Plus има цена од 390 долари во Тајланд, каде прво ќе биде лансиран, што е прилично достапно за еден солидно опремен телефон од корејскиот гигант. Сепак, за оние кои се „излечени“ од моќните брендови, можат да поминат дури и подобро од ова со некој кинески модел на Huawei или Xiaomi, чии модели од оваа класа чинат преку 100 долари помалку.

Извор: Android Authority, NDTV, The Verge

Претходна статијаBeats Studio 3 се безжични слушалки со Apple W1 чип и активно поништување на бучавата
Следна статијаJaguar Sayer е концепт за волан за автомобил од 2040 година