Телефоните на преклоп се надвор од мода веќе скоро една деценија, но тоа не значи ништо за Samsung, кој скоро секоја година во Кореја ја обновува својата Galaxy Folder линија на смартфони со преклоп.

Најнов модел во понудата е Folder 2, телефон кој нема особено привлечни спецификации, но тоа претпоставувам и не е толку важно за еден ваков уникатен производ.

Тој има дисплеј со големина од 3,8 инчи, што е многу мало во денешно време, но од друга страна има тастатура во долниот дел со која може многу лесно да свртите телефон, без да мора да влезете во “Dialer” апликацијата.

Всушност, токму ова е и главната намена на овој смартфон – да биде изборот на оние кои главно го користат својот смартфон за зборување, како на пример повозрасните купувачи.

Во внатрешноста на телефонот инаку има Snapdragon 425 процесор со четири jaдра на 1,4 GHz, помогнат од 2 GB рам меморија. Батеријата има потпросечни 1.950 mAh, додека Android верзијата е застарената Marshmallow 6.0 верзија. Не дека ова ќе им смета на „мама и тато“ и „баба и дедо“ да бидеме искрени.

Цената на Galaxy Folder 2 во Јужна Кореја ќе изнесува 260 долари, што е прилично достапно, иако за истите пари може да се купи доста помоќен Android смартфон. Сепак, факт е дека Galaxy Folder 2 ќе има ефект на околината каде и да го однесете.

Извор: ZDNet, Android Police, Wired

Претходна статијаApple брифинг за „спречување на протечени информации“ протече во јавноста
Следна статијаСтоте најцрни денови во сообраќајот допрва доаѓаат