Таблетите со можност за приклучување на надворешна тастатура стануваат се попопуларни кај корисниците кои ги користат професионално и се често мобилни. Најпопуларен во оваа класа секако е пионерот Surface Pro на Microsoft, но последниве неколку години цела плејада на производители се обидуваат да го симнат од тронот.

Корејскиот гигант Samsung е еден од нив и во нивниот нов Windows 10 модел Galaxy Book ја покажува својата идеја за како треба да изгледа еден идеален таблет/лаптоп. Galaxy Book ќе биде достапен во две изведби – помала со LCD дисплеј со 10,6 инчи и резолуција од 1920х1280 пиксели и поголема со Super AMOLED дисплеј со големина од 12 инчи и резолуција од 2160х1440. Интересно, ѝ двата модели имаат по два USB Type-C приклучоци, што е солидно за еден таблет.

Самото тоа што дисплејот на поголемиот модел е Super AMOLED може да е голема предност во однос на конкуренцијата – ваквите екрани имаат супериорен контраст и бои и можат целосно да го променат визуелното доживување. Дисплејот кај поголемиот модел е и HDR компатибилен, што е одлична вест за оние кои сакаат да ги гледаат најновите филмови во најдобра можна снимка.

Двата Galaxy Book модели се разликуваат и во вградените компоненти. Помалиот има Core m3 процесор со пасивно ладење, додека поголемиот има Core i5 процесор со “Boost” на 3,1 GHz, кој е исто така пасивно ладен. Помоќниот модел ќе има 4 или 8 GB рам меморија и 128 или 256 GB SSD диск (помалиот само 4 GB рам и 64 или 128 GB SSD), а двата ќе имаат траење на батеријата од околу 10 часа со едно полнење и покрај тоа што имаат дебелина од само 7,4 mm – досега невидено за моќен Windows 10 таблет.

И двата модели ќе имаат тастатура во пакувањето, која ќе служи и како заштита на таблетот. Таа нема да има сопствена батерија туку ќе се приклучува преку магнети на самиот таблет и ќе ја користи енергијата од него, што не би требало да Ве загрижи, бидејќи тастатурите трошат минимално малку струја. На неа е вграден и целосно нов тачпад, кој е за 50% поголем во однос на претходникот Tab Pro S.

Најголем адут на овие два таблети сепак се чини ќе биде вклученото S Pen дигитално пенкалце. Експертизата за дигитални пенкалца на Samsung ни е добро позната од нивните Note серии на паметни телефони и добро е што конечно гледаме едно такво и во Windows 10 таблет, каде ќе биде многу повеќе употребливо. Пенкалцето препознава 4.096 нивоа на притисок, што е многу повеќе од сите конкуренти, а исто така препознава и агол на поставеност. Благодарение на ова, користењето на четки во програмите како Photoshop ќе биде многу поприродно.

Samsung не ја објави цената за двата нови Galaxy Book модели, но очекувајте да е конкурентна – моја претпоставка е дека основните модели би почнувале околу 700 евра за помалиот и 900-1000 евра за поголемиот модел.

Извор: Engadget, Wired, The Verge

Претходна статијаTesla оваа година започнува со продажба на соларните кровови
Следна статијаНаскоро ќе може да блокирате инсталација на апликации кои не се од Windows Store