Samsung ќе вгради функција слична на “Continuum” во Galaxy S8

Напишано на 04.01.2017 - 11:38 од Иво Гиевски

Microsoft беше прв кој овозможи да го користите вашиот паметен телефон како Windows 10 компјутер, но поради неуспехот на Windows 10 Mobile смартфоните, оваа “Continuum” функција поминува главно незабележано. За популаризирање на оваа функционалност најверојатно ќе биде задолжен Galaxy S8, кој според нови информации ќе може да се користи како своевиден компјутер благодарение на “Samsung Desktop Experience”.

Сепак, за разлика од смартфоните со Windows 10 Mobile, оваа функционалност кај Galaxy S8 ќе се базира на Android оперативниот систем. Ова може да е ограничување за многу професионални корисници, но верувам дека би можело да биде многу корисно за секојдневниот корисник.

Galaxy S8 ќе може да се поврзе со надворешен монитор безжично или пак со USB Type-C кабел, а ќе поддржува и Bluetooth тастатури и мауси. Според информациите, корисничкиот интерфејс на големиот дисплеј ќе биде оптимизиран за работа со повеќе апликации одеднаш (во различни прозори), односно за брз мултитаскинг.

Како и кај Continuum, корисникот ќе може засебно да го користи смартфонот додека работи на големиот дисплеј, што е очекувано. “Samsung Desktop Experience” автоматски ќе препознае кога е поврзан надворешен монитор и веднаш ќе го прилагоди корисничкиот интерфејс за користење на него.

Оваа информација сепак треба да се земе со задршка – развивањето на посебен кориснички интерфејс е прилично голем чекор, особено за оперативен систем како Android, во кој оваа можност не е вградена.

Извор: The Next Web, GSM Arena, All About Windows Phone

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.