Една од главните одлики на новиот Galaxy S8 ќе бидат и подобрувањата во софтверот, поточно новиот дигитален асистент Bixby, кој ќе биде трн во окото на Siri, Cortana и Google Now (Assistant). Од Samsung полагаат голема надеж во овој асистент, за кого очекуваат да понуди многу нови можности споредено со конкуренцијата.

Bixby ќе има неколку предности во споредба со конкуренцијата, кои треба да го направат поприроден за користење. Поточно, Samsung очекува со него корисниците да имаат многу поголема интеракција отколку со сите дигитални асистенти досега.

Прво, Bixby ќе може да се користи за целосна интеракција со апликации кои ќе го имаат вклучено неговото SDK (во почеток Bixby ќе функционира со неколку апликации на Samsung вградени во Galaxy S8 и S8+). И за разлика од конкурентите, ова важи за апсолутно сите функционалности во една апликација. На пример, додека со Google Now можете да дадете команда да пушти некое видео, со Bixby ќе може да дадете команда да отвори коментари, подесувања и сл.

Втората можност на Bixby е да разбира што правите во некоја апликација на вашиот смартфон, без да ве прекине во работата со таа апликација. Третата можност е пак когнитивна толеранција, нешто на кое работат сите дивелопери на „вештачка интелигенција“ и кое сѐ уште не е на највисоко ниво. Ова значи дека Bixby ќе може да ве разбере како и да поставите некоја реченица – таа не мора да биде со некои предефинирани команди.

Bixby за среќа нема да биде ексклузивен само за Galaxy смартфоните. Samsung во иднина планира да го вгради во многу паметни кујнски апарати, телевизори, IoT уреди итн. Со ваквото проширување на понудата на Bixby, тие ќе имаат вистински конкурент на Amazon Alexa, покрај популарните кај смартфоните и преносните уреди Google Now, Siri и Cortana.

Извор: Engadget, PhoneDog, The Verge

Претходна статијаХокинг развива вселенски туризам
Следна статијаSuper Mario Run од 23-ти март на „полиците“ на Play Store