Деновиве на големо се пишува за тоа како би изгледал новиот iPhone кој се очекува да биде претставен во септември оваа година. Многу веб портали за технологија, новинари, блогери и твитерџии, шпекулираа за спецификации кои би биле во новиот iPhone, кој се’ уште не се знае точно како ќе биде именуван, уште во октомври минатата година. За тоа отприлика каков ќе биде новиот iPhone, кој претпоставуваме повеќето дека ќе ја носи ознаката “8”, пишувавме и ние.

Несомнено, Samsung претставија одличен паметен телефон. Galaxy S8 е главниот конкурент на долгоочекуваниот Apple-ов iPhone 8 кој со нетрпение го очекуваме. За разлика од катастрофалниот Galaxy Note 7 кој беше повлечен од продажба поради фактот што уредот едноставно си експлодираше и беше ризик за корисниците, Samsung Galaxy S8 ги надмина очекувањата. Samsung Galaxy S8 има куќиште кое е целото од стакло и навистина добро изгледа.

Уредот е тенок и издолжен и може лесно да се користи со една рака. Тоа е поради Ultra-Wide екранот со aspect ratio од 18.5:9, наместо конвенционалните 16:9. Galaxy S8 доаѓа во две големини – тоа се Galaxy S8 со 5.8 инчи и Galaxy S8+ со 6.2 инчи. Екранот на Galaxy S8 е Quad HD+, односно со резолуција од 2960×1440 што е навистина импресивно.

Тој е првиот мобилен уред сертифициран со Mobile HDR Premium сертификат од UHD Alliance, што значи дека боите и контрастот на екранот ќе бидат какви што замислиле филмските режисери да ги гледате.

Нема физички Home Button, односно е заменет со панел осетлив на притисок, кој е сместен веднаш под екранот, така што целиот преден дел е само стакло. Исто така уредот поддржува и скенирање на зеницата за додатна сигурност заедно со читачот на отисоци од прст сместен на задниот дел од телефонот.

Има 12mpx задна Dual Pixel камера за подобрен квалитет при мала светлина и 8mpx предна камера за правење Selfie … Како и претходниот експлозивен модел и овој е водоотпорен. Интересен додаток е DeX док станицата со која ќе можете уредот да го направите десктоп компјутер кога ќе го приклучите на него и на голем монитор.

Е сега, зошто мислам дека Samsung реализира дел од идеите на Apple? Како што кажав погоре, според тоа што се најавуваше за iPhone 8, Samsung скоро и да немаше идеја која не ја имплементираше во новиот Galaxy S8. Во последната статија за тоа како ќе изгледа очекуваниот iPhone 8 имав напишано:

1. Нов процесор, најверојатно A10 или A11

Иако не обрнав многу внимание на деталите за новиот чип, според 9to5mac, новиот А11 чип кој ќе биде произведен од TSMC наместо досегашниот произведувач Samsung, исто така е со 10nm процесор како кај Galaxy S8. Иако ова е ирелевантно поради фактот што самиот напредок во технологијата го налага ова, сепак Samsung избрзаа да го имплементираат чипот Snapdragon.

2. Изработен од стакло и нерѓосувачки челик

Како што пишав погоре, Samsung го направија Galaxy S8 предниот дел да биде целиот од стакло, односно рамките скоро и да не се познаваат. Најмногу прашина околу дизајнот на iPhone 8 се крена токму поради фактот што се шпекулираше дека ќе го изработат Apple целиот од стакло и нерѓосувачки метал.

3. Екран кој ќе биде од крај до крај

Не треба да напоменам дека Samsung и тоа го направија. Иако Apple мислам дека ќе отидат еден чекор подалеку и рамките на екранот и слушалката и камерата воопшто и нема да се познаваат и горниот и долниот дел ќе бидат целите од стакло.

4. Безжично полнење

Бежично полнење веќе имаше Samsung, така да оваа идеја може Apple да ја украде од нив.

5. Виртуелно Home копче (или воопшто ќе нема)

И оваа карактеристика веќе ја гледаме кај новиот Galaxy S8. Го остранија правоаголното заоблено копче во долниот дел на екранот и вметнаа панел под екранот кој е осетлив на притисок.

6. Камера со Dual-Lens со можност за Виртуелна Реалност

Кај Galaxy S8 се вика Dual-Pixel. Барем се потрудиле името да го сменат.

7. Поддршка за Apple Pencil

Иако оваа идеја беше реализирано кај постарите модели на Galaxy Note, сепак не беше толку популарна кај корисните и Samsung се откажа од неа. Сепак, Apple би можел да ја подобри оваа опција, иако во овој случај идејата ќе биде украдена од нив. Идеја за која Steve Jobs мислеше дека е “meh”

8. Скенер на зеница како замена за Touch ID

Apple се посветени на безбедноста на уредот и на податоците на корисникот. Тоа се докажа со фактот дека не одобрија пробивање на еден уред за кој ЦИА и ФБИ побараа од нив. Со импементирањето на оваа опција ќе се подобри безбедноста и фунцкионалноста. Но, Samsung повторно ја украдоа идејата, иако сеуште не е ставена на тест и не се знае како ќе бидат задоволни корисниците.

9. Нови бои (можна е црвена)

Apple веќе ја претстави црвената боја (Product Red) поради десет годишнината од учеството во (PRODUCT)RED, кампања со која се собираат средства за заболените од ХИВ/СИДА во Африка. Samsung со Galaxy S8 има само 3 бои, додека Apple моментално има 5 бои.

Плус

Samsung го претстави DeX докот кој што го претвора Galaxy S8 во десктоп компјутер кога ќе се поврзе со него. Има гласини за патент кој го имаат Apple со кој ќе може iPhone-от да се вметне на местото на тракпадот во лаптоп специјално дизајниран за тоа и да го направите Вашиот iPhone да биде лаптоп, што би било многу попрактично отколку да биде десктоп компјутер и да биде статичен.

Сето ова се зборува на интернет уште од минатата година, долго пред да се претстави Galaxy S8. Не велам дека крадењето идеи е лошо, напротив, доколку корисниците се задоволни од уредот кој што ќе го купат, секако дека оди во прилог на нив, без разлика дали се љубители на iOS (iPhone) или пак на Android (Galaxy) уредите. Многу пати досега се има случено Apple да краде идеи од Samsung, за на крај корисниците да бидат задоволни.

Претходна статијаMercedes ги претстави плановите за производство на електрични возила
Следна статијаВо Австралија ќе се гради најголемата соларна фарма во светот