Иако последниве неколку години излегоа таблети со дигитални пенкалца на кои може да се црта, пишува и да се фаќаат забелешки, искуството сепак е далеку од пишувањето на дигитална хартија. Едноставно хартијата и натаму е избор на многу поголем број на луѓе кои најчесто ги запишуваат своите мисли со молив или пенкалце.

Причината за тоа е што класичниот дисплеј не е особено добро видлив на сонце, троши премногу батерија и има претерано лизгава површина, на која и не е баш најприродно да се пишува. Исто така, LCD дисплеите не изгледаат како вистинска хартија, односно изгледаат премногу „дигитално“.

remarkable-frontpage

За љубителите на аналогниот изглед, решение е e-ink дисплејот, кој многумина може да го збунат за парче хартија, но тој пак има многу бавно време на одговор и освен ако не сакате да чекате 1-2 секунди после запишувањето на секоја буква, тој не е добро решение.

Нов стартап сепак мисли дека го има најдоброто од двата света – краткото време на одговор на LCD дисплеите со „аналогниот“ изглед и долгото траење на батеријата на e-ink дисплеите. reMarkable има нов тип на e-ink дисплеј со големина од 10,3 инчи наречен “Canvas”, кој има многу пократко време на одговор и на кој пишувањето ќе биде многу поприродно.

Од она што може да го видиме на промо видеото, брзината сѐ уште не е на нивото на LCD дисплеите, но одговорот на движењето на пенкалцето е се чини доволно брз. Секако, овој дисплеј ќе ги има пак сите предности на e-ink дисплеите, односно ќе биде исклучително добро видлив на сонце и ќе изгледа како вистинска хартија.

Покрај пишување, овој таблет може да биде и одличен за читање книги, токму поради e-ink дисплејот. Сепак, има една пречка во неговиот успех на пазарот – цената е 379 долари во „пред нарачка“ за пакет заедно со пенкалце, но потоа таа ќе изнесува исклучително високи 529 долари за таблетот плус 79 долари за пенкалцето. Односно, околу 350 тефтери со цена од 100 денари по мојата брза пресметка или пак еден добар таблет од високата класа, кој може да направи многу повеќе од само пишување и читање.

remarkable-paperfeel-desktop-80

Извор: Tech Crunch, CNET, Remarkable

Претходна статијаHuawei претстави Li-ion батерија со графин, која може да издржи повисоки температури
Следна статијаWordPress Macedonia заедницата го одржува својот прв официјален WordPress Meetup на 7 декември