Qualcomm го претстави новиот чип знаменосец со ARM архитектура, Snapdragon 845, кој е наследник на супер успешната 835-ка и кој идната година ќе се вградува во цела плејада на смартфони од високата класа, но и на Windows лаптопи. Чипот донесува низа подобрувања, од кои најважни се оние кои ќе отворат нови можности за вградените камери на смартфоните.

Најмал напредок всушност ќе има во перформансите, бидејќи новиот чип и натаму ќе биде изработен на процес со големина на транзистори од 10 nm. Ова значи дека чипот ќе биде побрз за 10-20% и поефикасен за 30% од Snapdragon 835 благодарение на новото Kryo 385 јадро со работен такт од 2,8 GHz (вкупно 8 на број) и поддршка за LPDDR4x меморија која работи на 1866 MHz. Ова не е преголем скок во однос на претходникот, но 835-ката и така е веќе супер брз и штедлив процесор. За сметка на тоа, Qualcomm направи големи чекори напред во скоро сите други категории, кои стануваат сѐ позначајни во светот на смартфоните.

Така, Snapdragon 845 е опремен со нов Hexagon 685 DSP чип за машинско учење, кој ќе биде три пати побрз за задачи со вештачка интелигенција од оној во Snapdragon 835. Веројатно и поважно, новиот Spectra 280 ISP чип наменет за камерите ќе овозможи снимање на 4K видео со HDR, односно со 10-битни бои, нешто што Qualcomm го нарекува Ultra HD Premium. Ова е нешто што дефинитивно не е достапно кај ниту еден друг смартфон и што значително ќе го подобри квалитетот на видеата снимени со смартфоните. Snapdragon 845 дури ќе може и да следи каде во дисплејот гледа корисникот, со цел да ја зголеми резолуцијата и јасноста на тоа место, а ќе може да снима и Full HD видео со 240 слики во секунда.

Како и со секој нов чип, Qualcomm и тука вградува најнов модем. X20 LTE кај Snapdragon 845 ќе овозможи брзини на симнување од 1,2 Gbps, а ќе има и поддршка за новиот Wi-Fi 802.11ad стандард со брзини од 1 Gbit.

Првите примероци на Snapdragon 845 ќе почнат да се вградуваат во Android смартфоните од високата класа почнувајќи уште од март наредната година, а подоцна сигурно ќе видиме и голем број на Windows 10 лаптопи со овој процесор.

Извор: Android Central, TechnoBuffalo, The Verge

Претходна статијаНовите Windows лаптоп/таблет компјутери со Snapdragon 835 ќе траат 20 часа со едно полнење на батеријата
Следна статија3D печатени делови можат да се поврзат на Wi-Fi мрежа без потреба од батерија